Пишува: КРИСТИНА КОСТОВА
Јавноста се згрозува на секој фемицид, убиство, или самоубиство на тинејџер, но тоа трае само неколку дена.
Со чудење се прашуваме што не е во ред, по три дена темата се заборава, а се ре-актуелизира кога повторно ќе се случи трагедија.
Се разбира, постојат конкретни институционални решенија чија имплементација би придонела да не се случуваат повторно вакви потресни приказни.
Сѐ започнува од образованието. Како основа за дискриминација мора да бидат препознаени дискриминација на основа на род, сексуална ориентација. Ако се дискриминирани оние кои по која било основа се сметани за поинакви, а таа дискриминација не е препознаена, тогаш огромна група маргинализирани, угнетени, немоќни индивидуи се оставени незаштитени и изложени на опасности.
Пред само неколку недели, МОН усвоиле Правилник за начин на пријавување и заштита на ученик-жртва на која било форма насилство, злоупотреба и занемарување. Правилникот не ги исполнува стандардите бидејќи во Формуларот за пријавување се исклучени клучни елементи, како родово базирано насилство или насилство врз основа на лична карактеристика.
Булингот, врсничкото насилство, не се случуваат поради непознати, туку поради многу конкретни причини. Ако тие причини не се јасно препознаени, не можат да бидат отстранети. Сите медиумски кампањи на светот не можат да помогнат, ако не постои законска регулатива како основна алатка за искоренување на насилството.
За жал, токму таа законска регулатива се брише. Немоќните се оставени без заштита.
За жал, насилството не завршува во ученичките клупи, туку понатаму расте во животот и ескалира, особено кога институциите не постапуваат.
Бројни фемициди се случиле во изминативе децении кои можеле да бидат спречени само ако се постапувало по пријавите од жртвите.
За жал, безбедноста на оние кои се традиционално маргинализирани и угнетени не е приоритет за полицијата. Маргинализираните и угнетените се оставани без заштита, па се случуваат трагедии кои можеле да бидат спречени.
Како општество, мораме да бидеме гласни кога бараме заштита за секој еден од нас.
Оти секој заслужува соодветна и ефективна заштита од институциите.
Јас не верувам дека поинаквите треба да бидат каменувани, дека послабите треба да бидат оставени на милост и немилост на моќни крвници.
Јас верувам дека сите се согласуваме дека секое човечко суштество заслужува еднаков третман, секое човечко суштество заслужува заштита и достоинство.
Впрочем, тоа е цивилизациска придобивка на општествата организирани околу реализирање на хуманистичките потенцијали на заедницата.
Да си ја зачуваме човечноста од налетот на штетна, насилничка пропаганда.
Да не подлегнуваме на стратегиите за поделби на народот и поттикнување омраза.
Различностите не се закана.
Нечовечноста е закана. Да се избориме против нечовечноста.