И премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката на Скопје во заминување Данела Арсовска, денеска еден по друг ѝ се извинија на јавноста што на претходните локални избори си верувале и се поддржале, пишува Мета.мк.
Најпрво премиерот Мицкоски во одговор на новинарско прашање изјави дека жали што во 2021 година застанал зад независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.
„Чувствувам одговорност што тогаш ја поддржав независната кандидатка. Да, чувствувам. И сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам, се извинувам што тогаш застанав зад независниот кандидат Данела Арсовска. Затоа, таа грешка нема да ја повториме“, рече премиерот додавајќи дека ако победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во октомври, ќе го исчисти градот за три дена.
На ова реагираше градоначалничката Арсовска, која исто така се извини што мислела дека Мицкоски е чесен бидејќи не знаела што навистина бил.
Според неа токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од претседателот на Советот на Град Скопје, кој сега е гувернер, ја блокирале работата на градската администрација.
„Ако сакаше да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив не си директно одговорен за хаосот во Скопје. Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си“, објави Арсовска на социјалните мрежи.