За првпат по петгодишна пауза Индија и Кина планираат да ги обноват директните летови меѓу одредени нивни градови, јавија индиските власти, наведувајќи постепено смирување на тензиите меѓу двете земји.
Како што објави Амбасадата на Индија во Кина преку социјалната мрежа „WeChat“, летовите меѓу одредени градови ќе бидат повторно воспоставени на крајот на октомври, во зависност од комерцијалните одлуки на авиокомпаниите, пренесуваат американските медиуми.
Амбасадата наведува дека продолжувањето на летовите е дел од пристапот на владата кон „постепена нормализација на односите меѓу Индија и Кина“.
Најголемата индиска авиокомпанија, „IndiGo“, објави вчера дека од 26 октомври ги обновува летовите од Калкута до Гуангжу.
Одлуката дојде откако индискиот премиер Нарендра Моди минатиот месец ја посети Кина за првпат по седум години за да присуствува на регионалниот безбедносен форум.
Директните летови беа суспендирани за време на пандемијата на Ковид во 2020 година и не се обновени поради долготрајните гранични тензии меѓу Пекинг и Њу Делхи.
Односите меѓу Индија и Кина нагло се влошија во 2020 година, кога безбедносните сили на двете земји се судрија по спорната граница на Хималаите.
Четири кинески и дваесет индиски војници беа убиени во судирот, кој беше најголемиот конфликт меѓу двете страни во последните децении, што доведе до прекин на контактите на високо ниво.