Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста ја најавува есенската програма на Перформанс Платформа Фестивалот (ППф) 2025, кој ќе се одржува во октомври и ноември во Скопје.
Второто издание на фестивалот продолжува со феминистички кураторски пристап, истражувајќи теми поврзани со репродукција, со-живеење и колективни иднини. Програмата вклучува перформанси, работилници и отворени сесии кои ги преиспитуваат телото, грижата и уметничката соработка.
Во Младинскиот културен центар денеска ќе се одржи сесијата „Фанзин во процес“ (12:00–16:00) и танцовиот перформанс BLISS на полската кореографка Рамона Нагабчињска (20:00), проследен со разговор со истражувачката Ирена Цветковиќ.
Утре Нагабчињска ќе води работилница „Image, Matter, Presence“ на Факултетот за драмски уметности (15:00–17:00).
Во ноември, фестивалот ќе го претстави перформансот CODOMESTICATION на Симона Спировска и нејзиното семејство, дел од концептот „showing without going“ на Крот Јурак и Алекс Бејли. Точниот датум ќе биде објавен дополнително.