Со победата над Казахстан, Белгија се искачи на второто место во групата Ј од квалификациите за Светското фудбалско првенство во 2026 година, но пласманот на „Црвените ѓаволи“ на Мундијалот нема да биде лесен, оценуваат белгиските медиуми во пресрет на квалификацискиот меч меѓу белгиската и македонската фудбалска репрезентација закажан за утре во 20:45 во Гент.
– Белгија ќе мора да се бори да заврши на првото ако сака да обезбеди директен билет за Светското првенство во 2026 година. Имајќи го ова предвид, октомвриските натпревари прво како домаќини на Северна Македонија, а потоа и како гости во Велс, би можеле да бидат решавачи за „ѓаволите“, оценува белгискиот јавен радиодифузен сервис РТБФ.
Потсетувајќи дека македонската репрезентација во моментов е првото место на табелата во групата со бод повеќе пред Белгија и Велс, медиумите оценуваат дека токму од резултатите од претстојните два дуели на „Црвените ѓаволи“ би можело да зависи која од трите репрезентации ќе се пласира директно на мундијалот, а која ќе чека можност за пласман како второпласирана.
Соговорници на белгиските медиуми оценуваат дека Белгија има подобра репрезентација и од земјава и од Велс, како „на индивидуален, така и на колективен план“, но дека тоа ќе треба да го докаже и на теренот.
Според нив, со евентуална победа на утрешниот натпревар, Белгија речиси сигурно би можела да обезбеди пласман на Мундијалот, дури и при пораз во Кардиф, благодарение на многу подобрата гол разлика во однос на македонската и велшката репрезентација.
Медиумите посочуваат дека за натпреварот против македонската репрезентација, белгискиот селектор Руди Гарсија на располагање има 26 играчи, меѓу кои и Жереми Доку, Максим Де Кујпер, Лоис Опенда, Миши Бачваји, Кони Де Винтер, Тимоти Кастањ и Амаду Онана.