Барселона е една од најдобрите три екипи во светот, но ние ќе настапиме фокусирани на сите детали од ракометната игра, изјави Рубен Гарабаја, тренер на РК Еурофарм Пелистер.
Шпанскиот стратег Гарабаја на својот сонародник Карлос Ортега кој долг период е тренер на Барса ќе се спротивстави со игра и голема поддршка на битолските „чкембари“.
– Секој натпревар против нив е посебен, затоа што имаат мнигу ѕвезди и многу добри ракометари. Мора да бидеме фокусирани на сите детали. Во Барса сите ракометари се фокусирани само на настапите. Секој тим против Барса максимално се бори, но само до одреден момент. При секое губење на концентрацијата, тие постигнуваат три и повеќе брзи голови од контра напади, бидејќи имаат одлична одбрана и најдобар голман во светот. Утревечер во Битола ќе има ракоментен спектакл и тоа е најважно за љубителите на спортот, истакна Гарабаја.

Спортската јавност во Битола и посебно љубителите на ракометот со голема возбуда го очекуваат натпреварот.
Утревечер (20.45ч.) спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе биде целосно исполнета затоа што „осмиот играч“, верната публика чкембари, за само осум минути ги купи сите влезници за натпреварот од редовното коло во европската Лига на шампионите.
Дуелот со светски познатите ракометни ѕвезди на шпанскиот гигант, француските интернационалци Лудвик Фабрегас и Дика Мем, шведскиот интернационалец Карлсбогард, Египќанецот Јахија и најдобриот голман на денешницата Емил Нилсен од Данска, кои во Битола ќе се надигруваат со Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, Николче Митревски и останатите пелистерци, ќе го судат Ердоган Курсад и Ибрахим Едениз од Турција.