Украина, последните случувања на Блискиот Исток, европската одбрана, конкурентноста, домувањето и миграцијата ќе бидат главни теми на денешната средба во Брисел на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ.
Во најавата за Самитот на ЕУ се наведува дека во услови кога Русија продолжува со своите немилосрдни напади врз украинските цивили и инфраструктура, европските лидери ќе разговараат за конкретни чекори за зајакнување на поддршката за Украина и зголемување на притисокот врз Русија со цел постигнување мир.
– Ќе разговараме како да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина, со реафирмирање на нашата посветеност да обезбедиме финансиска поддршка за земјата во наредните години и со разгледување на можни опции засновани на замрзнатите руски средства, посочи претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во поканата до лидерите за учество на Самитот.
Тој најави и дека на почетокот на дебатата за Украина лидерите ќе разговараат со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе ги брифира за последниот развој на настаните.
– Русија плаќа висока и се поголема економска цена за својата агресија и ние ќе ги разгледаме нашите напори за понатамошно зголемување на притисокот врз неа. Поддршката за Украина и притисокот врз Русија остануваат двата неопходни услови за постигнување праведен и траен мир, додава Кошта во поканата.
Покрај за Украина, лидерите на ЕУ ќе разговараат и за најновите случувања на Блискиот Исток, вклучувајќи ги и резултатите од Мировниот самит во Шарм Ел Шеик од 13 октомври, ослободувањето на сите заложници и почетните фази од мировниот предлог за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп.
– По две години војна и страдање на луѓето, се чини дека мирот во Газа е на дофат. Со оглед на најновите случувања, ќе разговараме за тоа како ЕУ може да ги поддржи тековните напори за праведен и траен мир, цврсто заснован на решението за две држави, како и на обновата на Газа, наведе Кошта во поканата.
Надоврзувајќи се на своите претходни состаноци, лидерите ќе разговараат и за подготвеноста на ЕУ за одбрана и конкретните одлуки за проекти за зајакнување на капацитетите. Во тој контекст Европската комисија пред лидерите на ЕУ ќе го презентира Патоказот за одбранбена подготвеност 2030, а се очекува и Европскиот совет да ги овласти министрите за одбрана на земјите членки да работата на имплементација на мерките за зајакнување на одбраната и на Европската агенција за одбрана.
– Хибридните напади и регистрираните дронови во близина на нашите критични инфраструктури и непријателските упади во воздушниот простор на земјите членки се уште една демонстрација на итноста од забрзување на работата за постигнување на заедничка европска одбранбена подготвеност до 2030 година, вели Кошта во поканата.