Од денеска во функција ќе бидат ставени 60-тина приватни автобуси кои ќе го олеснат транспортот на скопјани, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при денешниот увид во градежните активности поврзани со проектот „Градски воз“.
– Кога се зборува и за јавниот транспорт, сакам да напоменам дека веднаш после овој настан имаме средба со приватните превозници. Како што најавив, од денеска ќе бидат ставени во функција 60-тина приватни автобуси, дополнително кои што ќе го олеснат транспортот на нашите сограѓани во градот Скопје, изјави Ѓорѓиевски.
Посочи дека Град Скопје ќе биде целосно логистички вклучен во процесот на воведување на „Градски воз“, со цел да се обезбеди синхронизација на возниот ред со автобускиот превоз.
– Како Град Скопје ќе бидеме целосно логистички вклучени во овој процес, земајќи ги во предвид новите точки или станици, како што спомена директорот на ЈП Железници Инфраструктура Синиша Ивановски, ќе се адаптираме со ЈСП за да нема со часови или не знам, по половина час чекање од страна на граѓаните за да дојде возот, туку спрема потребите, односно во моментот кога ќе има потреба и ќе има воз на железничката постојка, тогаш ќе бидат адаптирани и автобусите од ЈСП да бидат достапни. На тој начин ќе понудиме реална и брза алтернатива за транспорт за нашите сограѓани, рече градоначалникот.
Според него, проектот „Градски воз“ ќе има особено значење за индустриските зони меѓу Драчево, Транспортен центар и Горно Лисиче, а еден од клучните приоритети останува и развојот на БРТ системот.
– Да најавам дека во ребалансот ќе влезе и БРТ системот, што значи дека она што го говоревме во кампањата, често пати и јас го говорев како кандидат, но и Претседателот на Владата во минатото го споменуваше истото, земајќи во предвид дека ако сакаме да влијаеме на решавање на сообраќајниот хаос поврзан со транспортот во нашиот главен град, ние треба да понудиме комбинација од неколку алтернативи кои што ќе помогнат на граѓаните да ги користат истите за да стигнуват од точка А до точка Б. Во комбинација со овие три работи кои што ги споменав, мислам дека за многу скоро време нашите сограѓани во градот Скопје ќе добијат конечно ефикасен, ефективен јавен транспорт како што заслужуваат, изјави Ѓорѓиевски.
На увидот во градежните работи денеска беше и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека проектот „Градски воз“ ќе придонесе за растоварување на гужвата во сообраќајот и намалување на емисијата на штетни честички во воздухот.
– Ние рековме кога станува збор за квалитетот на воздухот, чуда се невозможни, треба време бидејќи ништо не е правено, но ова е еден од тие проекти коишто контрибуира. Многу сум среќен и тоа што конечно го отпочнуваме БРТ системот, но треба да видиме малку околу проектот како сето тоа ќе биде замислено, а бидејќи ќе треба да се прави цел нов мост преку реката Вардар за да може сето тоа јакосно да се изнесе. Кога ќе ги заокружиме сите овие проекти сигурен сум дека ќе имаат позитивно влијание врз животната средина и ќе го намалат загадувањето во текот на целата година, изјави Мицкоски.
Како што беше најавено од директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Ивановски со ремонтот на пругата во првата фаза од проектот, од Железничката станица Зелениково до Железничката станица во Скопје ќе се стасува за 25 минути, додека од таа во Драчево за 11 до 13 минути.





