Традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2025“ ќе биде отворена вечерва во уметничката галерија Куманово, соопштија надлежните од Националната установа Музеј Куманово. Ова е една од најстарите изложби и се одржува во чест на денот на ослободување на градот. Отворањето на изложбата е закажано за 19:30 часот.
– Ова е нејзиното 69 издание на кое ќе се претстават творци кои живеат и работат во Куманово. Изложбата има долга традицијата која започнува од првото групно излагање на кумановските ликовни уметници во 1956 година, па сè до денес и има за цел што поширока презентација на ликовни автори значајни за моделацијата на кумановската ликовна сцена и пошироко. Таа ги обединува сите академски ликовни уметници од градот и претставува пресек на ликовната уметност од различни генерации ликовни творци, од најмладите само што дипломирани, до зрели автори, двигатели на ликовните текови во Куманово и современата македонска сцена, изјави авторката и куратор на проектот Драгана Спасковска, кустос советник, историчар на уметност од НУ Музеј Куманово.

Кумановци ќе имаат можност да ја проследат продукцијата на 23 академски ликовни автори од Куманово, кои на изложбата ќе се претстават со по едно ликовно дело по сопствен избор и слободна тематика. Публиката ќе ужива во делата на Синиша Кашавелски, Марина Цветановска Мартиновска, Далибор Крстевски, Ана Јовановска, Дарко Трајковски, Мирослава Цветковиќ, Валентина Илијевска, Ања Стојадиновска, Мухамет Идризи, Игор Андреиќ, Дејан Божиновски, Марија Величковска, Александар Симоновиќ, Акиме Насуфи Реџепи, Дејвид Стоилковски, Александар Стефанвски, Мухамедали Алили, Стефан Анчевски, Вања Кашавелска, Гоце Божурски, Наташа Петковска, Кристина Божурска и Трајан Трајковски.
– Оваа групна изложба содржи дела со логично хетерогена и автентична ликовна стратиграфија на авторите учесници. На свеченото отворање ќе можат да се видат дела изработени во различни ликовни дисциплини на сликарството, графиката и скулптурата, изработени во повеќе ликовни техники (масло, акрил и комбинирани техника на платно), како и други форми на ликовен израз: инсталации и видеоарт, изјави Спасковска.
Изложбата е под покровителство на Општина Куманово и на Министерството за култура и туризам. „Кумановски ликовни уметници ќе биде отворена до 20 ноември 2025 година.





