Нетфликс објави дека постигнал договор да ги купи Warner Bros. и HBO – потег што би можел да ја промени структурата на глобалната медиумска индустрија и да стави крај на една од најголемите стриминг ривалства во изминатата деценија. Доколку договорот се реализира, тој ќе обедини два од трите најмоќни стриминг сервиси со една од најстарите и најзначајни филмски и телевизиски студиски куќи, објави Си-Ен-Ен.
Според најавата, Нетфликс се согласил да го купи делот „Warner“ од Warner Bros. Discovery (WBD) за 72 милијарди долари, плус долг, веднаш штом компанијата во 2026 година официјално ќе се подели на две јавни компании: Warner и Discovery Global. Во вториот сегмент ќе бидат сместени CNN и другите кабелски канали. Од Нетфликс велат дека Warner Bros. „помогнал да се дефинира модерната забава“, и дека со глобалниот домет на платформата, содржините ќе допрат до „уште поширока публика“.
Иако Paramount долго време важеше за фаворит во наддавањето, Нетфликс изненади со агресивни понуди испратени во текот на неделата. Компанијата дури се согласи и на висока „breakup fee“ – пенал кој се плаќа доколку трансакцијата пропадне – што ја изедначува со понудата на Paramount и ја засилува позицијата на Нетфликс како најсериозен купувач.
Но пред договорот да стане реалност, Нетфликс ќе се соочи со сериозни регулаторни проверки во САД и низ светот. Неколку американски политичари веќе изразија загриженост, меѓу нив и сенаторот Мајк Ли, кој порача дека аквизицијата „треба да биде аларм за антимонополските регулатори“ поради ризикот од прекумерна концентрација на пазарот. Аналитичарите очекуваат политичка и правна битка околу прашањето дали договорот ќе ја наруши конкуренцијата.
Филмската и телевизиската индустрија, пак, со внимателен скептицизам ја следи ситуацијата. Асоцијацијата на сопственици на киносали Cinema United предупреди дека купувањето претставува „невидена закана“ за кино-бизнисот поради традиционалната скепса на Netflix кон филмските кино премиери. Од Netflix порачуваат дека ќе ги задржат постојните кино-практики на Warner Bros. и ќе продолжат да ги градат.
Според процените, овој потег може драматично да го промени балансот на медиумскиот екосистем. Како што наведе Bank of America во последниот извештај: „Ако Netflix го купи Warner Bros., стриминг војните официјално завршуваат. Netflix ќе стане недвосмислена глобална суперсила во Холивуд.“
Редакција Фронтлајн







