Техничката влада е единствениот механизам што обезбедува фер и чесни избори и не смее да биде укината во услови на сериозна институционална злоупотреба, соопштија од СДСМ.
Од партијата обвинуваат дека актуелната власт агресивно ги ставила под своја контрола сите клучни институции и ги користи за партиски и политички цели. Според СДСМ, правосудството е „окупирано“, се врши притисок врз Судскиот совет, обвинителството се става под директна контрола, а премиерот јавно врши притисок врз обвинители, нарекувајќи ги „медиокритети“.
Во соопштението се наведува дека полицијата е целосно партизирана, дека се носат резолуции со цел замолчување на опозицијата и дека се уриваат демократските стандарди во државата.
„Во вакви услови, секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократијата, изборниот процес и слободната волја на граѓаните“, се вели во соопштението.
СДСМ нагласува дека присуството на опозицијата во техничката влада претставува неопходен контролен механизам за изборниот циклус и гаранција за институционална рамнотежа. Особено се потенцира прашањето за надзорот на граѓаните преку околу 65 илјади камери, за кои, според партијата, не постои соодветна законска рамка што би спречила злоупотреби.
„Технички министер за внатрешни работи од редовите на опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се користи за следење на граѓаните или политичките противници за време на кампањата“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ оценуваат дека државата не е зрела за укинување на техничката влада бидејќи, како што велат, повторно се враќа начинот на владеење и злоупотребите на институциите од времето на .
„Секој што во овие околности поддржува укинување на техничката влада, директно го поддржува криминалот и корупцијата на власта“, порачуваат од партијата, додавајќи дека злоупотребите на институциите се видливи секојдневно.
СДСМ заклучува дека техничката влада е последната институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции во изборен процес.












































































































