ВМРО-ДПМНЕ реагира на, како што го оценува, „празниот говор“ на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на отчетот пред партискиот конгрес, обвинувајќи дека тој не понудил одговори за клучните прашања поврзани со состојбата во партијата и со, како што наведуваат, низа криминални афери.
„Го слушнавме Филипче како ја повикува Белата палата, но не го слушнавме да се огради од своите и од криминалите на СДСМ“, се наведува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче не објаснил зошто СДСМ е петта политичка партија во Скопје и трета на државно ниво, ниту, пак, се оградил или упатил критика кон неговиот, како што велат, ментор Зоран Заев.
Во реакцијата се тврди дека Филипче „го штител криминалот на таканаречениот клан Дубаи“, како и дека не понудил објаснување за односите на СДСМ со Бугарија и Грција, за прифаќањето на францускиот предлог и за, како што се оценува, „штетниот договор со Бугарија“.
Партијата го обвинува Филипче и дека не дал одговор зошто, според нив, СДСМ води „политичка војна“ со САД и со Обединетото Кралство, како и зошто останал, како што наведуваат, осамен со „неуспешниот дипломат“ Андреј Жерновски, за кого тврдат дека јавно зборувал во прилог на бугарскиот наратив за Македонија.
Во соопштението се посочува и дека СДСМ, според ВМРО-ДПМНЕ, не претставува политичка алтернатива и дека станал „помал чирак на ДУИ во криминалот“, при што се споменува и името на Артан Груби и случајот со Државната лотарија.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека Филипче не дал одговори за неговата наводна поврзаност со тендери, за службеното луксузно возило, како и за односите со Енис Колашинац во периодот кога ЕСМ бил снабдуван со јаглен за време на владеењето на СДСМ.
Во соопштението се споменува и случајот „Адитив“, при што се наведува дека Филипче не се оградил од бегалецот Васко Ковачевски, за кого тврдат дека го оштетил државниот буџет за 6,5 милиони евра, ниту од, како што се оценува, „антидржавното однесување“ на Зоран Верушевски.
„Заклучокот е дека за ВМРО-ДПМНЕ нема подобро решение од Венко Филипче. Проблемот е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси“, се наведува во реакцијата на партијата.
Прочитајте и…
(ВИДЕО) Конгрес на СДСМ: Филипче ја обвини власта за „предавство на националните интереси“







