Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, од собраниската говорница упати серија остри критики кон министерот за култура Зоран Љутков, обвинувајќи го за доцнење на одговори, контрадикторности и непочитување на законските обврски.
Во рамки на седницата за пратенички прашања, таа постави три прашања поврзани со работењето на Министерството за култура, транспарентноста и односот кон вработените, со посебен акцент на исплатата на мартовската плата.
„Дали вработените во култура ќе ја земат мартовската плата по упатството што денес пак го пративте, потпишано само од вас, или по Општиот колективен договор, согласно член 14 став 1?“, праша Костадиновска-Стојчевска.
Таа го обвини министерот дека не ги следи документите што се испраќаат во негово име и дека доцни со одговорите на пратеничките прашања.
„Министре, упорно продолжувате да не знаете што одговори се праќаат во ваше име до Собранието на пратеничките прашања и што потпишувате“, рече таа.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека на прашања поставени на 12 јуни 2025 година, одговор добила дури на 27 февруари, иако рокот за одговор е 10 дена согласно Деловникот.
Според неа, дополнителен проблем е што во одговорите има контрадикторности поврзани со функцијата државен секретар.
„Јас, министре, овде го имам документот од 19.05, каде што лицето коешто ви беше државен секретар вие го разрешувате, а на 28.05 ја унапредувате истата личност“, изјави таа.
Пратеничката обвини дека администрацијата во министерството дава неточни информации, додека министерот ги потпишува без проверка.
„Овие документи, министре, се направени од вас, потпишани од вас, од вашата администрација. Доволно е само да читате што потпишувате и да се грижите повеќе за вработените, наместо да ги казнувате“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека не е потребно да се бараат оправдувања за тоа како документите станале јавни, туку да се преземе одговорност.
Костадиновска-Стојчевска го обвини Министерството за култура дека две години не ги објавува резултатите од годишниот конкурс, и покрај законската обврска.
„Две години по ред не се јавно достапни резултатите од годишниот конкурс“, рече таа, повикувајќи се на член 65 став 4 од Законот за култура.
Според неа, дел од институциите почнале самостојно да ги објавуваат резултатите, што го оцени како реакција на притисокот.
„Добар дел од националните институции почнаа сами да ги објавуваат резултатите, односно да не ве слушаат, знаејќи дека повторно ги носите во ќорсокак“, изјави пратеничката.
Во своите прашања, Костадиновска-Стојчевска го отвори и прашањето за заштитата на културното наследство, вклучително и црквата во Курбиново.
„Како планирате да го заштитите Курбиново со 20.000 денари за 2026 година, знаејќи дека не е потпишана ни дозвола?“, праша таа.
Дополнително, побара одговор и за статусот на клучните закони и стратегии во културата.
„До каде сте со Законот за култура, Законот за заштита на културното наследство, Стратегијата за култура… или поедноставно, кој е еден стратешки закон што сте го сработиле за скоро две години?“, рече Костадиновска-Стојчевска.







