Министерството за транспорт излезе со остра реакција по денешната прес-конференција на СДСМ, категорично отфрлајќи ги обвинувањата дека тендерот за набавка на 150 електрични автобуси и полначи за Скопје бил местен. Од ресорното министерство истакнуваат дека СДСМ паушално обвинува за тендер кој воопшто не се реализирал бидејќи нема склучено договор, посочувајќи дека опозициската партија очигледно застапува нечии интереси.
„Министерството за транспорт ја водеше постапката во целосно транспарентен процес и согласно Законот за јавни набавки. Иако тендерот пропадна, во интерес на јавноста ги објавуваме понудите и причините за отфрлање на секоја од нив“, се наведува во реакцијата.
Колку чинеле понудите и зошто се отфрлени?
Од Министерството детално ги образложија четирите пристигнати понуди, демантирајќи го тврдењето на СДСМ дека постоела разлика од 12 милиони евра меѓу понудувачите. Според официјалните податоци, понудите без ДДВ изнесувале:
Електробус Икарус – ЕВН (Унгарија-Австрија): 50,6 милиони евра (314.000 евра по автобус без полнач).
Жонг Тонг (Кина): 50,6 милиони евра (327.000 евра по автобус).
Актрус со автобуси Кинг Лонг (Кина): 50,7 милиони евра (324.000 евра по автобус).
БМЦ (Турција): 59,2 милиони евра (385.000 евра по автобус).
„Од ова се забележува дека сите цени се приближно исти, односно нема разлика од 12 милиони евра. Затоа бараме јавно извинување од СДСМ, во спротивно ќе поднесеме тужба за клевета“, децидни се од Транспорт.
Во однос на причините за пропаѓањето на тендерот, Министерството појаснува дека ниту една компанија не ги исполнила условите. Кинеските „Актрус/Кинг Лонг“ и „Жонг Тонг“ доставиле невалидни банкарски гаранции, додека турската „БМЦ“ воопшто не доставила гаранција и не ги исполнила техничките услови. За понудата на унгарско-австрискиот конзорциум „Икарус-ЕВН“, второстепената Комисија за жалби по јавни набавки го поништила тендерот бидејќи договорот за соработка бил потпишан само на хартија, но не и електронски.
Обвинувања за заштита на странски интереси
На крајот од своето соопштение, Министерството возврати со прашања до опозицијата, откривајќи дека документот кој СДСМ го презентираше на прес-конференцијата е всушност допис од кинеската компанија „Актрус/Кинг Лонг“.
„Се наметнува прашањето зошто СДСМ излегува во одбрана на кинеска компанија чијашто понуда е невалидна и не е за 12 милиони евра поевтина? Дали СДСМ одработува за странски интереси и зошто? Или мотивот е локален и се крие зад локални пробисвети и криминалци? Тоа се прашања за СДСМ“, заклучуваат од Министерството за транспорт.
СДСМ обвинува: Тендерот за автобуси пропадна бидејќи бил местен за 12 милиони евра поскапа понуда
Антикорупцискиот тим (АКТ) на СДСМ денеска обелодени наводен нов скандал поврзан со набавката на 150 нови автобуси за Скопје. Членот на Извршниот одбор на партијата, Јон Фрчкоски, на прес-конференција обвини дека тендерот пропаднал затоа што власта се обидела да го намести за компанија која понудила за 12 милиони евра повисока цена од конкуренцијата.
Ј. Ѓ.





































































































