Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, самоволно им се предаде на органите на прогонот откако повеќе од една година беше во бегство и со меѓународна потерница. Тој е осомничен за злоупотреби и проневера на над осум милиони евра заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби во случајот со видеолотариските терминали.
По повеќе од една година бегство, Перпарим Бајрами, роден на 10 февруари 1993 година од Куманово, самоволно и пеш се пријави кај надлежните органи. Предавањето се случи утринава во 05:35 часот, при што според одредени информации тој се појавил на граничниот премин Блаце.
За него претходно беше распишана мерка „апси“ по барање на СМПС – Одделение за потраги, согласно член 354 став 5 од Кривичниот законик. Исто така, Министерството за внатрешни работи имаше објавено меѓународна потерница по него на 17 декември 2024 година, откако Судот му одреди мерка притвор.
Д. Е.







