Во едно од најреномираните грчки книжевни списанија и издавачки куќи „Трака“ (Θράκα), деновиве е објавен превод на најновата прозна творба на македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за биографскиот расказ насловен „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“, кој грчкиот магазин го објави под уредничката назнака „Превод од македонски јазик“, а преводот е дело на познатиот грчки писател и преведувач Сотирис Минас.
Самиот автор ја опишува творбата како „расказ од археологијата на сеќавањето“. Прозата е мотивирана од стара црно-бела фотографија која Османли случајно ја пронашол на интернет, препознавајќи лик од своето, како што вели, „прекугранично детство“. Низ живи слики извлечени од личните спомени, авторот го проследува драматичниот живот на протагонистот и неговото семејство, но и социјалната слика на градот Воден во повоените педесетти и шеесетти години од минатиот век. Како и другите негови дела, и овој расказ претставува меланхолично интонирано сведоштво за поделениот и неспокоен балкански хронотоп.
Расказот првично беше објавен на македонски јазик, но во меѓувреме авторот го дополнил со нови мотиви пред да го испрати до својот грчки преведувач. Сотирис Минас му го предложил расказот на уредникот на „Трака“, истакнатиот грчки поет Танос Гогос. Гогос, кој годинава беше гостин на Струшките вечери на поезијата, претходно беше преведен на македонски јазик токму од страна на Османли во тријазична антологија на современата грчка поезија.
Организацијата „Трака“, основана во 2014 година со седиште во Лариса, е непрофитна организација која управува со истоименото списание и е позната по организацијата на Пантесалискиот фестивал на поезијата, како и по учеството во меѓународната мрежа на книжевни резиденции „Засолништето на Одисеј“. Објавата на расказот на Османли на нивниот портал е проследена и со портрети и творечки биографии на македонскиот писател и неговиот грчки преведувач.






