Дијабетичарите се едни од најранливите категории на луѓе, чија состојба е под постојан надзор на здравствените институции. Каквa е нивната моментална состојба кога во државата владее епидемија на Ковид-19? На оваа тема Фронтлајн направи кратко интервју со претседателот на Здружението на дијабетичари на Македонија, Димче Велев.
Фронтлајн: Дијабетичарите се една од ранливите категории во Македонија. Може ли да ни кажете со какви предизвици се соочуваат дијабетичарите во ова време на пандемија?
Велев: Во времето на пандемија лицата со дијабетис се со намален имунитет и затоа се ставени од Светската здравствена организација на листа со лицата кои што се со хронични заболувања и мора да бидат заштитени превенирани во однос на пандемијата од Ковид-19 односно Корона вирусот.
Фронтлајн: Ако знаеме дека стресот, начинот на исхрана и недвижењето се едни од причините за добивање на дијабетис, што им препорачувате на тие граѓани, како да ја надокнадат физичката активност што се препорачува за согорување на калориите во време кога има ограничено движење?
Велев: Ние од првиот ден како Сојуз на здружение на дијабетичари на Македонија се вклучивме во препораките, во пораките, во комуникација со надлежните институции, здравствените и владата, за што да се превенира и како да се постапува. За лицата со дијабетис на нашите групи веќе им дадовме едукативни флаери, брошури кои што се поделија електронски. Денес упативме, почнавме да дистрибуираме и видео пораки од докторите, специјалистите, на кои што на сите лица им препорачуваме и во домашни услови најмалку трипати во денот по 30 минути движење, почнувајќи од лесни вежби кои што ги пронаоѓавме на видео клипови и ги дистрибуиравме, вклучувајќи на крај нели ние како Македонија се знае дека сме со орото познати, играње оро во домашни услови заради тоа што најдобро се раздвижува телото односно се вклучува потрошувачката на јаглехидратите односно калориите. И секако, користењето на сончевите периоди во денот, од тераси, во дворови и така натаму.
Фронтлајн: Може ли да ни кажете како се движи бројот на лица со дијабет пред и откако е започната оваа пандемија, дали има некакво драстично отстапување во бројките?
Велев: Пред започнувањето на пандемијата ние имавме 125 илјади лица регистрирани во Република Македонија како лица со дијабетис од кои околу 45 до 50 илјади се инсулин зависни, посебно тие се ризична група затоа што имаат вообичаено и коморбидети и не случајно се на листата и од државата се ослободени од работа односно треба да седат дома. Сега во овој период немаме нова бројна состојба затоа што во вонредна состојба посветеноста е кон спречување на епидемијата, мислам дека нема да најдеме релевантен број кој што би ни кажал, извор поправо, релевантен извор кој што ќе има податоци за колку лица е зголемен бројот.
Фронтлајн: Може ли да ни кажете во ваква вонредна ситуација дали мислите дека нашето здравство има обезбедено доволно терапии за дијабетичарите?
Велев: Да, бидејќи според информациите кои што ги располагаме јас и Сојузот, уште од првиот ден се вклучивме точно во таа насока да се обезбеди терапија за секое лице до мај месец и се обезбеди, се дистрибуираа до инсулинските аптеки. Нормално некаде постоеја технички проблеми, пречки, тоа секојдневно го решаваме, но во принцип сите лица се покриени со терапија особено инсулин зависните лица и оние со таблетарната терапија.
Фронтлајн: За крај дали може да ни кажете кои се активностите на Советот на здружение на дијабетичари во Македонија во вакви услови на пандемија?
Велев: Како што веќе споменав, од првиот ден заедно со националната комисија за дијабетис, со универзитетската клиника, со научното здружение подготвивме флаери, препораки, упативме барање до министерството за здравство кои што ни беа прифатени, ослободување на лицата со коморбидети и лица кои што имаат намален имунитет а се лица со дијабетис да бидат дома и да бидат нели во уредбата за ослободување, за набавка на терапијата, за начинот за дистрибуција на налозите кои што ги издаваат докторите. Ние уште од првиот ден веднаш со националната комисија воспоставивме во здравствениот систем нов начин на дистрибуција, значи лицата со дијабетис преку телефон и електронска пошта добиваат, во комуникација со специјалистот ендокринолог налози електронски и лицата одат само во инсулинска аптека да земат, со лична карта или со матичен број да ја подигнат својата терапија односно инсулинот, дури и не мора лицата со дијабетис туку некој член на семејството. Понатака се погриживме да им пружаме нели помош директно во комуникација, кој не се снашол инцидентно, инцидент во смисла краткиот период на интернет паѓањето во Скопје, исто беше следено дека се работеше за краток инцидент за кога продолжи повторно делењето на терапијата во соодветен период нормално тие лица не треба да шетаат, меѓутоа и тоа се случува технологијата знае да затаи, но во принцип според нашите активности не успеавме само да се доуредиме да ги ослободат сите лица од работните обврски бидејќи имаме работодавци и во јавен и во приватен сектор кои што не се многу посветени на тоа и ги тераат да одат на работа, меѓутоа тука упативме апел и до синдикатите да се појават затоа што таа работа мислам дека треба да си ја следат и синдикатите, ние колку можевме согласно вонредната состојба побаравме, апелиравме да бидат пуштени тие лица од работните обврски. На крајот се извинувам нели, денешните видеа кои што ќе ги дистрибуираме, клипови кои што ќе бидат.. еве и јавен апел повикувам до националните телевизии, до порталите, кога ќе бидат доставени, кои сакаат, бидејќи нели средствата се многу слаби, доколку сакаат и чувствуваат потреба како општествено одговорни да ги објават оние што ќе проценат да бидат поставени.
Искра Ежова
Монтажа: Ариан Мехмети