На Јутјуб каналот на Драмскиот театар Скопје вечерва со почеток во 20 часот ќе се емитува преставата „Огнени јазици“ од Горан Стефановски во режија на Слободан Унковски, соопшти Драмскиот театар.
Во истото време в сабота (16 мај), публиката ќе може да ја види претставата „Кандид во земјата на чудата“ по текст на Венко Андоновски, а во режија на Сашо Миленковски.
Воедно, од Драмскиот театар додаваат дека овие претстави ќе останат на Јутјуб каналот и ќе можат да се гледаат и во иднина.
„Отсекогаш знаев дека Кирил и Методиј го посветиле својот живот на преведување и ширење на светото писмо на словенски јазик, но полека почнав да сфаќам дека тие се големите светци и великомаченици на преводот воопшто. Целиот живот го посветиле во напори светот подобро да се разбере, а проблемите кои се обидувале да ги решат во деветтиот век се отворени и ден денес. Не случајно тие се светци заштитници на Европа.
Насловот на драмата, се разбира, е преземен од Светото Писмо и чудото на Педесетницата. Тој ден се појавуваат огнени јазици, „се отворија очите на слепите, се отнаа ушите на глувите! Почнаа да врнат свети дождови од слова, порои од букви!“ Со ова се става крај на древната збрка со јазиците од Кулата Вавилонска. Господ праќа завет дека луѓето можат да се разберат меѓу себе на своите различни јазици и дека преводот е можен. Со овој знак Апостолите поаѓаат во мисија да ја шират верата низ светот.“ Горан Стефановски