„Трансплантацијата на срце е историски успех за нашето здравство. Кардиохирурзите велат дека ова е круна на нивната работа. Ова целосно ја менува сликата за кардиохирургијата кај нас. Во процесот беа вклучени неколку еминентни имиња, видни лекари од повеќе клиники и покажавме дека здравјето на пациентите ни е приоритет. Секако дека оваа постапка немаше да биде можна ако немавме семејство донатори. Целиот процес заврши некако брзо и професионално. Сите пациенти кај кои имавме трансплантација се чувствуваат добро“ – изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на телевизија Алсат, зборувајќи за првата трансплантација во нашата држава.
Тој напомена дека овој случај би требало да ги охрабри и другите граѓани кои во иднина би можеле да бидат донатори.
„Оваа вест одлично одекна во јавноста. Имаме програма на која работиме подолго време, речиси цела година работевме на програмата за трансплантација на срце. Многу е важно луѓето да бидат свесни дека со донирање на некој орган се спасува живот и тоа е она што оваа постапка ја прави хумана. Ова е најдобар пример како се спасува живот“ – дополни Филипче.
Филипче: Имаме контрола врз вирусот, сега е до свеста на граѓаните
На гостувањето на телевизија Алсат, министерот за здравство, Венко Филипче, зборуваше за фазата во која сега се наоѓа државата, во која целата одговорност за спречување на вирусот е на граѓаните, како и за олабавување на мерките.
„Добро се менаџира бројката на заболени. Ние сме во фаза кога животот го враќаме во нормала. Дискутираме за многу аспекти, за укинување на полицискиот час, за отворање на угостителските објекти, но со протокол за работа, како да ги наредат масите, по колкумина да седат… Сите во светот ги имаме истите ризици, ако зборуваме за отворање на границите, за ова малку е рано сега да зборуваме, но следната недела секако дека ќе го анализираме и ова“ – изјави Филипче.
Тој посочи дека бројот на заболени ќе расте ако не се почитуваат превентивните мерки. Ако не се држи дистанца, ако не се носат маски, ако има собири, сето тоа ќе влијае на ширење на вирусот.
„Има мали модификации во мерките, според барањата на угостителите, но најважни мерки се секако дистанцата и бројот на гостите. Сето ова е пакет со намалување на рестриктивните мерки. Не сакаме заради непочитување на мерките да ни се повтори пикот, па да ги вратиме строгите мерки. Огромен дел од заслугата за справување со вирусот имаат самите граѓани. И покрај тоа што има зголемен број на пациенти, сепак имаме стабилна ситуација, го имаме процесот под контрола. Затворени се границите, училиштата, градинките, па состојбата ќе се одржува под контрола. Можно е да има нов бран болни на есен и да се оптовари нашиот систем, но во моментов сите случаи ги следиме и знаеме кој од каде е заразен“ – изјави министерот.
Филипче: Со почитување на мерките и протоколите може да има избори
„Прво мора да сме свесни дека изборите се дел од нашиот нов живот. Мораме да сме свесни дека ќе живееме со короната. И други држави организираат избори. Се што значи нормално функционирање со почитување на мерките ќе значи продолжување на секојдневието. Оттаму и изборите ќе може да се одржат. Ако луѓето самите се организираат сѐ ќе може да функционира. Имаме отворени авто школи, до нив е како ќе ги применат мерките. Вирусот е тука, нема да исчезне, се додека немаме вакцина. И тоа мораме да го прифатиме како реалност. Затоа сметам дека со придржување до мерките и протоколите изборите може да се одржат. Тоа значи маски, дистанца и миење раце. Ние не видовме заболен од маркет каде што се почитуваат мерките, туку имаме болни од отворен простор каде што не се почитувале мерките“ – изјави министерот за здравство, Венко Филипче на телевизија Алсат.
Тој истакна дека изборите ќе бидат организирани според строги правила, со цел секој гласач да биде заштитен.
„Во протоколите се наведува дека мора да има дистанца помеѓу гласачите, дека сите мора да носат маски, да ги дезинфицираат рацете, едноставно како и секаде на затворен простор. Секаде каде што може да се избегне потесен простор или гужва тоа да се направи. Јас сум задоволен што се покажа дека добро се справуваме со здравствената криза, добро одговоривме, имаме капацитет и знаење. Критики секогаш има и тие се добредојдени ако се конструктивни, а не кажани на памет“ – рече министерот.