Слушајте ми го зборот. Ова еден ден ќе стане народна поговорка: Од изборите не се бега! Навистина, конечно добивме датум за избори.
Постојано чекаме некаков датум, конечно и овој датум го дочекавме. За триесетина дена, граѓанките и граѓаните на Република Северна Македонија ќе имаат можност да изберат кој и како ќе ги води во наредните четири години. Се разбира, освен ако немаме уште некои предвремени избори во меѓувреме… Треба една работа да запомниме.
Доколку се придржуваме до мерките за заштита од коронавирусот, било да одиме во гранапче или да одиме на избори, тие може да бидат наши секојдневни безбедни патешествија, а се разбира, и на тој свечен ден на изборите. Значи, доколку се придржуваме кон мерките, нема опасност од коронавирусот. Но изборите, сами по себе, можат да бидат загрозени од стравот кој одредени политички структури ќе се обидат да го наметнат од коронавирусот, додека подземно ќе си ги бодрат своите солдатески да гласаат. Значи, граѓанките и граѓаните, ако сакаат да одлучуваат за својата иднина и ако се придржуваат кон мерките, можат безбедно да гласаат и да ја одведат нашата заедничка земја во безбедна иднина. Тоа е многу важно да се запомни. И, се разбира, стискајте заби, стискајте палци, нѐ чека триесетдневно цунами од лажни вести и говор на омраза… Добро, тоа го гледавме и до денеска, а ќе го издржиме и во наредните триесет дена.
Важно, изборите се закажани. Конечно!
Џабир Дерала
Камера и монтажа: Ариан Мехмети