пишува: КЛИМЕНТИНА ЃОРЃИОСКА
Пандемијата предизвикана од корона вирусот и затворањето на границите во светот, ги затекна неподготвени младите, особено оние кои ги уживаа привилегии на глобализацијата, стекнувајќи образование и работно искуство далеку од домот. Кризниот период ги направи уште поконтемплативни за иднината, образованието, кариерата, животот во целина. Иако, според искуствата од нашата земја и надвор, корона вирусот предизвикува значително помалку импликации врз нивното здравје, во однос на повозрасните, младите сепак ја водат битката со новото секојдневие. Соочени се со бесперспективност, ограничени можности за професионална реализација, зголемена компетитивност, неизвесност и неможност за адекватна интеграција на пазарот на трудот. За нив, тоа значи отежнување на процесот на финансиска независност и социјална мобилност. Сите се загрижени за иднинатa во добата на пост- корона. Со цел да ги доближиме искуствата на младите луѓе од светот до нивните врсници во Македонија, ФРОНТЛАЈН разговараше онлајн со млади од соседна Грција, но и од централно европските земји како Словачка и Германија, од развиената Скандинавија, но и млади од Јужна Америка: Мексико и Колумбија како и афричка Нигерија.
„Младите се несразмерно погодени од карантинот. Работат во сектори што се затвораат, затоа многумина ги загубија работни места. Се повеќе млади се соочуваат со ограничени финансии.“, вели Норвежанецот Симен Јушмир Холм, кој поминал десет недели во lockdown со својата партнерка во Единбург, Шкотска каде што двајцата живеат и работат во моментов. За него овој е стресен период, особено поради неизвесноста од крајот на пандемијата предизвикана од корона вирусот.
„Несигурноста е најголем проблем за младите. Главна кочница е што тие не можат да ја планираат иднина со своето образование и кариера“, вели Гркинката Димитра Клаудиа Зога, која кризата ја затекна во седиштето на европската дипломатија, Брисел. Сама, далеку од своите блиски, пријателите, во тој глобален локдаун, таа стекна едно сосем ново искуство, запознавајќи се уште повеќе себе си и своите исконски желби и потреби.
За младите од Мексико најголем проблем е невработеноста, краткорочните договори без платени придонеси вели младиот Мексиканец Хектор Тревињо, кој и тогаш и сега е загрижен за менталното здравје, економските и социјални падови на младите како последица на кризата и ограничените можности кои доаѓаат со неа.
Сите овие млади луѓе имаат различни очекувања од нивните влади и глобалното владеење,иако сите ги сплотува идејата за поголема солидарност меѓу луѓето. Тие бараат нивните влади да им помогнат на граѓаните со ниски приходи, со цел што полесно да излезат од кризата. Бараат повеќе простор за активно младинско учество, примена на повисоки еколошки стандарди и работа со акцент на одржливоста, поголема соработка меѓу земјите и елиминирање на националистичките тенденции во политичките системи.
„Тоа што очекувам од владата, од компаниите и глобалното лидерство е да не се вратиме на стариот начин на работа, туку да имаме можност за работа од дома, така што на пазарот на трудот, би се интегрирале постарите и луѓето со посебни потреби. Τоа што светот се смири и се намали емисијата на јаглерод диоксид е позитивен знак и треба да биде сигнал за подобра иднина. Еколошки начин на живот и работа!“, вели Словакинката Тереза Сршнова, кај која бил доминантен стравот за опстанок и стравот од губење на работното место.
„Во интерес на сите, а особено на младите е одржливоста да биде репер, за доделување средства за обнова и излез од кризата со корона вирусот“, вели Германката Мари Јеленка Кирхнер, која живее во Варшава со својот сопруг. Таа смета, дека пандемијата „ги отвори очите“ за некои структурни нееднаквости во Германија, во Европа, така што политичарите ќе размислуваат повеќе за родова, антирасистичка и анти-капиталистичка агенда во нивните следни потези.
„Младите луѓе низ цела Европа веќе дојдоа до одлични кооперативни и прогресивни деловни и модели на живеење. Кога глобалниот (капиталистички) поредок се разниша толку лошо, може само да се надевам, некои од овие визии да бидат разгледани и имплементирани од нашите политичари“, додава Кирхнер.
Во Колумбија и во нормални услови е тешко за младите да имаат пристојна работа, да заштедат за пензија, да живеат самостојно или да заработат кредит за да учат. А, во услови на пандемија им е уште потешко.
„Активностите на Владата треба да бидат насочени кон решавање на овие кризни прашања. Младите генерации го претставуваат „окото“ и иднината. Но, сепак немаат никаква политичка или економска моќ. Затоа глобалната влада треба да дејствува, за да бидат заштитени и застапени во процесот на одлучување за политики, што ќе влијаат врз нивните животи во годините што следат“, смета Колумбиецот, Луис де ла Пења.
„Владите треба да им обезбедат ресурси на младите, особено на оние од семејствата со ниски приходи, за да се справат со пандемијата. Владите кои што имаат ресурси да го проследат невремето, треба да ги заштитат најсиромашните млади луѓе од економски несакани последици. Треба да дистрибуираат ресурси во земјите во развој, зашто се најмногу погодени во овој период. Економските последици од пандемијата ќе се чувствуваат различно во разни земји. Затоа морална одговорност на развиените земји, на милијардерите и врвните фирми е да придонесат за ублажување на пандемијата, преку дистрибуција на какви било нивни ресурси за помош“, порачува младиот Промис Френк Еџиофор од Нигерија, кој карантинот го помина во својата соба во студентскиот кампус на престижниот универзитет Кембриџ во Велика Британија.
Соработка! Тоа е пораката на младите до глобалната влада.
„Не сме виделе многу соработка меѓу владите, деновиве. Наместо тоа, пандемијата поттикна националистички сентименти дури и во најпочитуваните демократии во светот со неправилни затворања на границата, континуиран притисок врз основните човекови права и слободи. Некои земји се натпреваруваат за вакцината или за лек, едноставно за да имаат корист само за сопствените граѓани или да ги позиционираат нивните земји како првенци, најдобри, во меѓународниот систем. Политиката ја зацврсти глобалната медицинска клима и искривена е суштината на соработката.Треба да се воздржиме од национализам и етноцентризам“, порачуваат дел млади од овие земји.
Тие порачуваат дека владите треба да понудат можности за реални очекувања, а не само понуда на идеи за младите. Треба на младите да им дадат надеж и вистина, што ќе ги води кон подобра иднина.
„Владата треба да размисли за солидарност и ефективни методи на социјално, економско и политичко ниво. Пред сè, да го опреми здравствениот систем. Лесно можеме да најдеме оружје, но не лекови и образование. Ова е огромен проблем во 21 век, кој е најцивилизираниот век на проблеми“, и порачуваат на глобалната влада, младите ширум светот.