Најмалку пет лица загинаа во денешниот земјотрес на Филипините, соопштија локалните власти, пренесе МИА.
Потресот со јачина од 6,8 степени насилно бил почувствуван на островот Минданао.
Денешниот е трет силен земјотрес во областа од 16 октомври досега.
Денеска се урнале неколку згради кои биле оштетени во претходните потреси. Се урнал и хотел во кој имало многу канцеларии, но во зградата немало луѓе.
Филипинскиот претседател Родриго Дутерте за време на потресот се наоѓал во родниот град Давао, во близина на епицентарот, но неговиот портпарол соопшти дека не е повреден.
Геолошкиот топографски институт на САД соопшти дека не постои опасност од цунами.