Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на денешниот брифинг, изјави дека за Универзалната сала треба да има референдум на кои граѓаните ќе одлучат што ќе се прави.
Градоначалникот зборуваше за салата по реакциите од страна на скопјани после најавата дека на местото на Универзална, ќе се гради парк.
Шилегов рече дека во игра се три опции за салата.
Шилегов истакна дека негов личен став е реставрација на Универзална, но и изградба на сосема нова функционална сала.
„Мое мислење е дека најпосакувано решение за Универзална е реставрација, целосно обновување на салата, како и изградба на нова сала на нова локација која ќе ги задоволи потребите на граѓаните“, потенцираше Шилегов.
Во однос на евентуалните нови локации, Шилегов рече дека е рано да се зборува за тоа но како опции за нова локација ги спомена спортската сала Борис Трајковски,односно изградба на друга сала до неа и оранжериите паркови и зеленило на самиот влез од Градски парк.