Еден од најдобрите наши дизајнери Зоран Кардула, поворно ќе изложува во Рим.
Изложбата Ex Novo е втора фаза од проектот Ex Mondo посветен на големиот Предраг Матвејевиќ. Изложбата е организирана од Асоцијацијата Липа и ќе се одржи во галеријата Гард во Рим. Отварањето е на 9 ноември, симболично поврзано со датата кога паѓа берлинскиот зид од кога и почнува новата ера со префиксот ЕХ.
Рецензијата на World Ex ќе биде отворена со изложбата која собира заедно меѓународни уметници: Алесандро Цафардини, Зоран Кардула и Жана Станкович ( италијански уметник и дизајнер, македонски графички дизајнер и украински фотограф). Карактеристика на сите вклучени уметници, е нивната способност да го преиспитаат артефактот, да им дадат нов живот на секојдневните предмети.
Во изјава за ФРОНТЛАЈН, Кардула вели:
И во првата фаза учествував со самостојна изложба насловена како „Изложба без жири“, со илустрации од моите Ех ју редизајни, и еве, и оваа година добив покана да бидам дел од втората фаза исто со илустрации, но сега збогатени и со дел од спомениците на Југославија посветени на борбата против фашизмот. Тема која е доста актуелна во ова време во кое живееме.
Првата изложба во 2018 година се состоеше од 40 избрани дела од Зоран Кардула, внимателно одбрани постери (селектирано од преку 180), што ја одразуваа ироничната и храбра употреба на симболите кои ја одбележаа социјалистичката ера.
Според италијанските медиуми, Зоран Кардула е еден од најеклектичните македонски графички дизајнери, а за инспирациите што Кардула ги користи во своите дела, велат:
Југопластика, Искра, Тесла, штафетите на Тито се фрагменти од една ера што, иако изгребани и навредени од војни, раскажуваат за радосни и среќни искуства, за големи културни, научни, социјални, индустриски, комерцијални, спортски достигнувања.
Организаторот компарирајќи ја сродноста на уметничкиот израз помеѓу Матвејевиќ и Кардула, ќе додаде:
Особеноста помеѓу Матвејвиќ и Кардула се открива во ненасилна борба, во страст, во свеста дека уметноста и литературата може да создадат мостови меѓу луѓето насекаде.
Ј. Ѓорѓиоски