пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ / ВИСТИНОМЕР
„Следува жешка есен, порача Мицкоски, најавувајќи протести и пад на новата влада“ е еден од насловите во медиумите откако се одржа последната пресд конференција на денот кога Владата на Заев требеаше да ја одржи својата прва седница.
Најавите за „жешка есен“ полна со протести и штрајкови што – јасно – би биле пресметливо организирани, не се само дел од вокабуларот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ, туку се присутни и низ заканите на другите високи функционери на оваа партија, по парламентарните избори што добија оценка за фер и коректни! И кои тукушто завршија…
„Опозицијата жестоко ги критикува персоналниот состав и капацитетите на предложената влада, за која смета дека нема ништо добро да ѝ донесе на земјата. ВМРО-ДПМНЕ најави жешка есен и силни демонстрации за симнување од власт на сѐ уште неконституираната нова власт. За Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ ова е коалиција на стари кадри кои што немаат што ново да понудат на македонската политичка сцена, која, како што рече, ќе биде срушена на масовни демонстрации кои ќе почнат од оваа есен затоа што капацитет за реализација на ветувањата нема, а народот е излажан,“ се вели во цитатот од овој функционер на опозициската партија. Во исто време и медиумите кои ја поддржуваат опозицијата, исто така, најавија дека нема да дозволат „меден месец“ за екипата на Заев. Продолжуваат дебатите кои беа карактеристика за предизборието, со слични гости, прашања и теми кои беа дел од деновите и месеците пред народот да го каже својот глас на 15 јули годинава!
– Оваа влада нема да има мир ни 100 часа, а не да зборуваме за 100 дена. Ова барем што се однесува до мене, бидејќи ситуацијата е специфична, денес сѐ е завршено и веќе утре би требало да работат со полна пареа – рече новинарот и аналитичар Бранко Героски на гостувањето на телевизија Канал 5 на емисијата „Само вистина“.
ЖЕСТИНА ПРОТИВ ГРЕЈС ПЕРИОД ПОСЛЕ УСПЕШНИ ИЗБОРИ
Дали е можно со таква жестина да се продолжи против владата на Заев, на начин кој се практикуваше и во почетокот на 2017 година кога со трикови на тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а потоа и со класичен обид за пуч во Парламентот на 27 април таа година се продолжи еден обид за неуставно спречување на мирната транзиција на власта после спроведени парламентарни избори.
И овој пат речиси истите политички актери се обидуваат да го покажат својот демократски дефицит! Имено, наспроти традицијата на политички институционален живот на политичките системи во кои правото на грејс период од 100 денови на секоја нова Влада е сосема вообичаено, кај нас имаме напади и улични немири (!) како план од првиот ден на функционерите од Илинденска број 2.
Треба ли да се објаснува традицијата, навистина толку долга што не се помни нејзиниот почеток, во пазувите на парламентарната демократија? „Во политиката, во текот на транзицијата во нова администрација, грејс периодот или медениот месец, може да се набљудува како „почетен период на хармонија и добра волја“ стои во Википедија. Оваа институција доаѓа веројатно од банкарството, каде после добивањето кредит од некоја банка кредитобарателот ужива период од 100 денови на невраќање на истиот (исплата на ратите), бидејќи треба да создаде некаква материјална основа од која потоа би се имало основа за враќање на ратите! Постојат добри правила и во големите компании и акционерски друштва каде таков грејс период се дава и на новата администрација или новите управители за да се снајдат во новата средина (или позиција) да состават екипа во хиерархијата под нив, да внесат нов елан и утврдат правила и цели.
– Секаде во модерните политички системи новата влада ужива период од 100 дена ненапаѓање, со цел таа да може да отпочне да ги реализира своите програмски замисли. Таа не може да биде ефикасна веднаш и да дава резултати, бидејќи се работи за долгорочни проекти. Така е и во Франција, каде после претседателските избори (таму претседателот на државата е тој кој има најголема моќ) е ненапаѓан од опозицијата, а исто така и печатот во тој период дава само информации од работењето на претседателот или владата, но не ги коментира – вели професорот на ФОН, Нано Ружин. Освен кога се работи за политичките системи, кои се дел од неговата специјалност, да споменеме дека Ружин беше дел од дипломатијата во европските земји и добро ги познава практиките на владеење.
ТРАДИЦИЈА КАКО ПАНДАН НА ТОЛЕРАНЦИЈА
Има мислења дека и стоте дена се кус период да се покаже некаков ефект во владеењето. Пред десет години германскиот политичар во владата на Ангела Меркел, Фолкер Каудер, кога минале првите сто дена ќе рече дека тој период е како трка на сто метри, а дека вистински резултати се видливи само во трки над 1.000 метри.
– Секако дека немаме таков случај на оспорување на грејс периодот на новите влади во светот на демократијата – ни потврдува и вонредната професорка на Правен факултет при УКИМ, Ана Чупеска.
Грејс периодот е категорија за која се размислува и во време на долго отсуство на премиер од функцијата заради болест. Така, кога во март годинава се разболе британскиот премиер Борис Џонсон од Ковид-19 и отсуствуваше шест недели од работа, дел од јавноста покрена расправа дали да му се даде еден вид грејс период за да се „соземе“, онака исцрпен и со од болеста декласиран кабинет.
Интересен е и случајот на романската премиерка Виорика Данчила, која се обратила до Уставниот суд на земјата лани, во миг кога во рамки на нејзиниот грејс период претседателот на државата, Клаус Јоханис, не сакал да ѝ дозволи избор на нови министри. До ова дошло откако една партија од владината коалиција се повлекла. Уставниот суд само побарал новите министри да минат низ парламентарна процедура на изгласување.
Во секој случај, кај нас се настојува да се оди против сите правила за да се оневозможи мирна транзиција на власта и да се оспорува истата ако една од партиите во политичкиот спектар не е устоличена во извршната власт. Ова е крајно деструктивно, особено за оние промотори на таквите практики кои мислат да опстојат во атмосфера која е неопходна во земја кандидат за членка на ЕУ и активен субјект во НАТО Алијансата.