Сè што беше планирано за 2020 година ќе биде во фаза на застој поради предвремените парламентарни избори, оцени денеска претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска, пренесе МИА.
– Вчера Народната банка го проектира растот на 3,5 проценти, нешто што не знаеме колку е остварливо до крајот на годината, земајќи предвид дека веќе е отпочната кампањата на политичките партии за предвремените парламентарни избори. Со најавата на изборите компаниите почнаа резервирано да гледаат на проектите кои ги имаа планирано за следната година, а и сè што беше планирано за првите шест месеци од 2020 година ќе биде во фаза на застој поради фактот што ќе бидеме во очекување за формирање нова влада, изјави Арсовска во одговор на прашање пред доделувањето на наградите Топ 100 на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Таа нагласи дека не очекува да се постигне раст од 3,5 проценти и покрај оптимистичките прогнози на НБ за раст на БДП на земјава од 3,8 проценти во 2020 година.
-Сите проекти, а особено оние кои беа подолгорочни веќе се во застој. Треба да почекаме, но не верувам дека ќе има нешто позначајно до третиот квартал на 2020 година, рече Арсовска.
За последното зголемување на минималната плата рече дека не е добро.
-Се што е вештачки наментнато не е добро. Фирмите да биле доволно ликвидни и да имале доволно големи профити во моментот кога се соочуваме со недостиг на квалификувана работна сила самите ќе поделеа повисоки плати на вработените од моменталната минимална плата, рече Арсовска.