Фанон е директен во пораката дека идејата е создавање на вистински енергетски пазар со отворање на други можности за набавка на енергенси што до сега традиционално се обезбедуваа од Русија. Тој во интервју за Капитал.мк вели дека желба за ослободување од оваа зависност секогаш постоела во регионот, но оти сега прв пат има и политичка волја кај државите.Во минатото секогаш кога зборувавме за клучни енергетски проекти во регионот најавите и реализацијата секогаш тргнувале од исток. Сега гледаме интензивирање на соработката и на активностите по една вертикална линија. Како ова поместување на оската ќе влијае врз геополитичките односи во регионот?
Ова ја зголемува конкуренцијата, односно создава вистинска конкуренција, што сега не постои. И кога тоа се случува тоа ја менува и психологијата на една држава. Ако една земја не е веќе стопроцентно енергетски зависна од друга тоа менува многу во ставот. Кога некој е целосно зависен од друг, тогаш тој некој секогаш ќе размисли два пати дали да ја навреди другата страна дури и кога таа страна го третира лошо. Со давањето на опција и избор ние всушност форсираме пазар и притоа се притиска постоечкиот единствен снабдувач да се однесува како пазарен играч. И ова не е нешто фигуративно или теоретски, ова е нешто сосема реално. Видовме што се случи во Литванија. Литванската влада одлучи да создаде опции и да отвори пазар, да донесе НЛГ. Кремљин ја мразеше оваа идеја и веднаш почнаа кампања со дезинформации дека ова е нешто лошо, некомерцијално итн… Но, проектот си течеше и за 6 месеци снабдувачот мораше да смени однесување, да спушти цени, цената на гасот кон Литванија падна за 25 %. Сето ова се случи со само еден факт – се создаде опција и избор. Сега мислиме дека тоа може да се случи и тука. И сосема сте во право. Во овој регион досега се’ доаѓало од исток, сега линијата е север – југ и има можности за едно одлично регионално поврзување преку далекуводи и гасоводи низ Северна Македонија. Мислиме дека ова е една одлична можност од аспект на тајминг и сакавме да ја искористиме таа прилика и да видиме што ќе се случува. Ова ќе ми овозможи да отидам назад во САД и да им кажам на нашите компании: „еј, таму има пазар за вас“.
-Кога зборуваме за ова, како ја гледате енергетиката како столб на стабилност и воопшто и за еден ваков регион?
Некои држави, вклучително и Северна Македонија имаа историски предизвици пред себе. Но, мора да се признае овој позитивен моментум. Ова е голем напредок после толку години. Членка на НАТО, пред преговори со ЕУ. Ова е огромен, огромен напредок. Секој од овие чекори го зголемува нивото на одговорност и на очекувања од Владата, од континентот… и ова создава едно целосно ново охрабрување во коешто ние сакаме да учествуваме и да бидеме партнери.
-Да се навратиме назад на проектите. Споменавте создавање на регионален ХАБ во Скопје, во Окта. Кои држави би биле таргетирани?
Се’ уште има многу разговори. Не би избрзувал, но има многу планови. Косово, Србија…Не е наше да коментираме или да го насочуваме протокот на енергија, тоа ќе си го каже пазарот, нема, не постои ниедна владина интервенција што може да биде поефикасна од самиот пазар.
-Прашањето ми беше повеќе по претпоставена логика, зборувајќи географски…
Да, да. Тоа секако се соседите. Сите соседи. Бугарија исто е заинтересирана за слична поврзаност со Северна Македонија. Со нив зборував директно во Солун. Но, всушност може од тука да се извезува секаде и на север и на запад…
-Соработката е со грчката Хеленик…
Се’ уште е рано, но знам дека ќе има разговори и со Владата и со компаниите во Грција. Ова е еден позитивен развој, секој може да го види сетот на можности и идеите се како да се оди напред со ова. Затоа ќе се работи на деталите, знаете секогаш последните неколку делчиња се најтешки за склопување, но она што го видов е една силна желба од двете држави, Северна Македонија и Грција да си го унапредуваат односот и ние, САД, сакаме да бидеме дел од тоа.
Интервју за Капитал.мк.