Софија да се откаже од политиката на евентуална блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, а земјава да покаже поголем капацитет за објективен пристап во однос на историјата, бараат Бугарите, кои живеат во Македонија, обединети во Бугарскиот културен клуб – Скопје.
Тие испратија Меморандум до премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, германската канцеларка Ангела Меркел, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ, претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, во кој предлагаат да се донесе патоказ во однос на работата на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања.
Целта на предложениот патоказ е двете земји да се вратат на патот на соработката кој е согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Нагласуваат дека непријателски акт е секој обид кој директно или индиректно ги оспорува заедничката историја на Бугарија и Македонија, постоењето на две држави и два народа кои се рамноправни наследници на таа заедничка историја, тврдењата дека една од државите или еден од народите „го крадеʺ културното или историското наследство на другата држава, или на другиот народ, како и обидите на една од државите или еден од народите да „ја смениʺисторијата на другата држава, или на другиот народ.
Во однос на јазикот, ја повикуваат бугарската страна да престане да поставува какви било услови, како поставување на ѕвездички или какви било опструкции за користењето на македонскиот јазик како официјален во сите меѓународни организации.
-Секоја независна држава има право да го определува својот официјален јазик, кој може да е меѓународен јазик како што се англиски, француски, шпански, арапски итн., или да изгради и кодифицира свој национален јазик и да го нарекува како што самата ќе процени, се вели во Меморандумот.
Истовремени се повикува Република Северна Македонија да влезе храбро во процесот на објективизација на својата историја.
-Време е сите граѓани, самите да дознаат за дејноста на преродбениците и револуционерите преку нивните дела, а не преку посредници кои од политички цели ги плашат дека некој се обидува да ни ја смени историјата. Историјата не може да се смени ! Таа се случила така, како што се случила независно од политичките манипулации, велат од БККС.
Предлагаат во духот на потпишаниот Договор, премиерите на двете држави да договорат патоказ за работата на историската комисија, во кој треба детално да се опише временски и како содржина во детали работата на историската комисија, но и резултатите кои се очекуваат од неа.
Како основа за содржината на патоказот за работата на историската комисија која ја предлага БККС е Рамковата позиција на Бугарија во врска со проширувањето на ЕУ и процесот на стабилизирање и асоцирање: Република Северна Македонија и Албанија од 9 октомври 2019 година.
Патоказот треба да содржи беспорни меѓународни договори, акти, настани и документи преку кои ќе се опише целиот процес кој заради политичките околности довел до „заедничка историја, која ги поврзува двете држави и нивните народиʺ.
На тој начин, се вели во Меморандумот, ќе се постигне и писмена согласност од двете влади, имајќи го предвид се погласниот консензус дека решението на овој спор е во признавањето и на минатото и на сегашноста.
Патоказот треба да бара конкретни резултати од комисијата, во однапред определена временска рамка. Работата на комисијата треба да биде транспарентна и за нејзините активности и за постигнатите резултати навремено да ги информира граѓаните и на двете држави.
Начелата на кои ќе бидат поставени принципите за работа на историската комисија, до краен степен треба да ја ограничат политизацијата на овој процес.
-Ако со потпишаниот Договор, двете влади го признаваат фактот за „заедничка историја”, тогаш тоа не може да биде меѓудржавен спор. Патоказот треба да им дава сила на оние личности и политички субјекти и во двете држави, кои го поддржуваат Договорот и работат на неговото спроведување. А од друга страна, да ги маргинализираат оние кои од самиот почеток се изјавија против него. Ако имаме заедничка историја, тогаш таа не може да се краде и историјата не може да се промени, затоа што таа е таква какво што се случила. Не се прифатливи и комплицирани објаснувања на јавни настани, се вели во Меморандумот.
Во документот, кој содржи 12 страници, детално е наведена и содржината на патоказот за работата на Комисијата и во 14 точкидетално се говори за одредени историски периоди.
Временска рамка на патоказот за работата на Комисијата, предложена од БККС предлага:
1.Уште на почетокот на својата работа историската комисија да постигне согласност на базата на објективни критериуми за заедничко чествување на историски личности. Тоа треба да бидат лицата родени и израснати на територијата на географска Македонија, кои и служеле на бугарската држава; лицата или организациите, кои ги определуваат своите говори како бугарски; лицата и организациите кои се бореле за автономна или независна Македонија, но го користеле бугарскиот јазик за своите документи, знамиња и материјали за агитација. Треба да биде кажано јасно, дека овие лица и организации, подеднакво се културно-историско наследство на двете држави и на двата народи.
2. Историската комисија да постигне согласност и да предложи на двете влади во образовниот систем и на двете држави како задолжителни лектири да влезат: Спомени, автобиографии, народни песни, стихотворби на преродбеници родени на територијата на географска Македонија
-Спомени на дејци на ВМРО, како и сведоштва и автобиографии на нивни современици, но и дела на странски автори сврзани со дејноста на ВМРО
– и други за кои ќе постигне согласност историската комисија.
- Организирање на дискусии меѓу основните училишта, средните училишта и универзитетите од двете држави на теми поврзани со задолжителните лектири со неопределен рок.
- Сите заклучоци на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија во однос на историските настани и личности, засновани на автентични и на докази засновани историски извори, да бидат воведни во образовниот систем на двете земји пред затворањето на поглавјето 35 од предприсоединителниот процес на РС Македонија.
БККС во Меморандумот уште наведува дека се против партии по етничка линија и се залагаат за измени во Уставот на Република Северна Македонија во правец на нејзино дефинирање како целосно граѓанска држава.
-Нееднократно сме зајавувале дека БККС е за функционирање на правната држава, слобода на медиумите, почитување на човековите права, а на надворешно-политички план градење на добрососедски односи и наше полноправно членство во ЕУ и НАТО, се додава во Меморандумот.