пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Министерот за здравство Филипче го искара Саша Богдановиќ за свадбата во Косово. Бајрам Амди без многу финти си направи свадба за својота внука во Турција. Свадбената веселба на Амди Бајрам се одржала на брод во Истанбул на која присуствувле 600 гости од кои 370 се од Македонија. Градоначалникот на Центар, Богдановиќ, со финта свадбата си ја направи во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Грачаница, Косово.
– Најважно е тоа што има свадба, а во исто време не ги прекршивме законите во земјава. Мораме да ги почитуваме препораките на власта. Во никој случај не сакаме да биде загрозено нечие здравје, изјави Амди Бајрам.
– Сметам дека ние сите коишто сме посебно на функции треба да дадеме пример со сопственото однесување како треба да се прави. Не е работата да се направи трик. Точно е дека не се прекршени препораките и законите во нашата земја, меѓутоа ние сме првите, посебно функционерите, коишто треба да им покажеме на граѓаните како се почитуваат мерките, посебно што и од граѓаните го бараме сето тоа и кажуваме дека имаме проблем и со пациенти и со новодијагностицирани во болници токму таму каде што не се почитуваат мерките. Апсолутно го осудувам, рече министерот за здравство Венко Филипче, за градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој викендов направи свадбена церемонија во Косово
Од она што може да се види од фотографиите и од свадбата на Амди и од венчавката на Саша, ниту еден од присутните не носи заштитна маска за лици, нуту пак држат некаква дистанца. Но, дали е тоа главниот проблем?
Амди Бајрам нема да го коментирам, ама попусто се испукавме по социјални мрежи, ако надлежните не преземат некоја рестриктивна мерка за Амди, фамилијата и тие 350 и кусур посетители од Македонија на свадбената веселба во Турција.
Церемонијата на Богдановиќ, помина доста забележително и во српските медиуми. Тие врз основа на изјавите од „знаменосецот“ од церемонијата, пеењето и традиционалните одежди на младоженците ѝ дадоа и добар национал-политички тон на дешавката. Со право се реакциите и на социјалните мрежи кои прашуваат: Замислете да беше ова политичар функционер Албанец од Македонија и да го направеше ова во, што знам Приштина или Поградец?… Мене и така и вака ми е многу „весело“, но, иако не е за занемарување. тоа е веќе за во друг коментар.
Она што не смее да се премолчи сега, е неверојатната неодговорност на Богдановиќ. Во време кога се дебатира за повторни строги рестрикции, кога бројките на новозаразени од ден во ден рушат рекорди не само кај нас, ами во цел свет, Саша одлучува да прави церемонија со гости и за да избегне мерки оди во друга држава. Колку достеливо, браво?!
Градоначалникот на Центар, по она што го изјавува, едноставно не е свесен колку е погрешна неговата „косовска финта“, како тоа ќе се одрази врз јавноста и уште повеќе, во колку погрешно време сето тоа е направено. Бадијала се осудите од Филипче, ако овој тоа не го сфати и не се извини на јавноста за погрешната процена, бесмислениот потег и неодговорноста. Уште повеќе загрижува „мува не го лази“ комоцијата во неговите изјави и нереагирањето на вистински начин и на критиките и од Министерот и на тие од јавноста. Едноставно, ваквото „нисам одавте“ однесување на градоначалникот на Центар е недопустливо. Она што најмалце очекувам, пак, како соборец на Богдановиќ, е да му се совпаѓаат изговорите со оние на од Амди Бајрам. Лејмерски, друже, шо да ти кажам.
Богдановиќу брате Бајрам, патот на вистинските вредности за кои се бориме е во сосема друга насока.
Кво вадис?
Коментарот е личен став на авторот