На денешната 18-та седница на Влада, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, е усвоен Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со кој се овозможува сеопфатен пристап и одговор во справувањето со насилство врз жената и семејното насилство, почитувајќи ги човековите права во согласност со меѓународните стандарди.
– Со овој закон се уредуваат превенцијата и мерките за заштита од родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од родово базирано насилство и семејно насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, услугите за заштита на жртвите и собирањето на податоци за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, соопштија од владината прес-служба.
Имено, на денешната седница Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за згрижување на семејствата од импровизирани живеалишта во објекти на установи за социјална заштита, при што се задолжува Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, да донесе решение за сместување, во објект што ги користи ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје.
– Се укажува на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје со своите стручни тимови да обезбеди поддршка на сместените семејства во насока на остварување на правата од социјална и здравствена заштита, односно за вклучување на пазарот на труд и осамостојување, и еднаш месечно да ја преиспитува семејната и материјалната состојба и станбените услови на сместените семејства, со укажување еднаш месечно да доставува извештај за сместените лица до Министерство за труд и социјална политика (до 5-ти во месецот за претходниот месец). Се укажува на ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје ги преземе неопходните активности за санирање на направените штети заради обезбедување на основни услови за престој во објектот, информираа од владината прес-служба.
Од владината прес-служба посочија дека се препорачува Градот Скопје и локалните самоуправи согласно своите надлежности да преземат активности за обезбедувањето на услови за домување на лицата во социјален ризик сместени во објектот ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје, со оглед на тоа што проблемот со домувањето е клучен за решавање на нивната состојба.
– Се препорачува Градот Скопје и локалните самоуправи согласно своите надлежности, а преку инспекциските служби редовно да реализираат активности за дислоцирање на бесправно населени лица на јавни површини и средување на истиот простор како би се спречило ширење на таквата појава, наведоа од владината прес-служба.
Владата го разгледа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота, заради усогласување со Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоците, при што измената се однесува на воведување на постапката за опомена и намалување на глобите за физички и правни лица, согласно Законот за прекршоците.