Од понеделник (18.11) во книжарницата Или-Или, ќе може да се почестите со најновото 178 по ред издание, во едицијата ПРОаЗА – збирката раскази „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш.
Светлана Камџијаш предава философија, естетика и етика на Педагошкиот Факултет во Скопје. До сега објавила книги од областа на философијата: „Ведите и Упанишадите – сликата на светот”, „Крајната слобода во философијата веданта”, „Од брегот на реката Ганг” и „Шест Упанишади”; како и две поетски книги: „Чекори во летот” и „Небо-индиго”.
„Расказите во збирката се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура. Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување. Способност која можеби најдобро може да се опише ако се обидеме да преобликуваме една констатација искажана за лик во еден од расказите во оваа книга: „Невидливото го правеше видливо“. За неа, за нејзината раскажувачка умешност и уметност, тоа би било: Невидливото и тешко искажливото го прави видливо, преку зборовите. Во тоа искажување на она што најчесто останува обвиено од молкот, Светлана Камџијаш тргнува од деталот и стигнува до сепроникнувачка целина, започнува со мигот и го опфаќа животот.
Авторката како да ги вткала во своите раскази сите уметности, и ова не го велам само затоа што некои од нејзините ликови се уметници, туку пред сѐ затоа што самиот живот, самото човеково постоење во расказите на Камџијаш е доживеано и раскажано како уметност“, ќе речи писателот Гоце Смилевски за „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш.Ј.Ѓ