Бугарската национална телевизија (БНТ) ќе развие добрососедски односи со Македонската радио телевизија (МРТ). Ова го објави генералниот директор на БНТ. Емил Кошлуков во својот Фејсбук профил, а пренесе Локално.мк.
„Во име на БНТ, ќе испратам писмо до МРТ за да им понудиме на нашите колеги во јавната телевизија во Скопје меѓусебна соработка. Верувам дека ова е наша улога, да придонесеме за разбирање преку заеднички продукции, преку заеднички преноси и врски меѓу нас“, напиша Кошлуков.
Кошлуков потсети дека ова е дел од неговиот концепт и политика како извршен директор „за подобрување и продлабочување на нашите односи со соседните земји“.
„Ние сме премногу изолирани и многу малку знаеме за нашите соседи“, рече тој.
БНТ веќе развива таква соработка со турските и грчките јавни медиуми, рече Кошлуков.
Тој додаде дека Северна Македонија, Србија и Романија се следните земји со кои трендот ќе продолжи.
Темите од овие земји треба да бидат присутни почесто и во поголем обем на БНТ, рече тој. И првиот чекор е да се создаде механизам за размена на тековни информации.
„Не можеме да најдеме дописнички канцеларии, тоа е многу скапо. Би сакал нивните репортери да работат за нас по нарачка. И нашите да работат за нив. Да разменуваме извештаи, наместо да испраќаме луѓе на службено патување и со тоа да заштедиме трошоци. Испраќам три прашања по мејл до Заев или Вучиќ, тие ги испраќаат до Бојко Борисов или Томислав Дончев. Ние ги поставуваме овде, а тие таму“, даде пример Кошлуков.
Тој исто така рече дека ќе има слична соработка и во областа на копродукциите. Наскоро ќе бидат потпишани документи за развој на проекти во оваа област – со заеднички буџети.
„Ако собереме Бугари, Грци и Македонци, можеме лесно да направиме серија за „Солунските атентатори“. Со буџет меѓу трите телевизии“, сонува Емил Кошлуков.
Особено во случајот со Македонија, генералниот директор на БНТ смета дека е должност на двата јавни медиуми да работат на намалување на напнатоста и омразата меѓу двете соседни земји. И тоа братски, додаде тој.
„Додека политичарите одлучуваат за политички прашања, историчарите разговараат за теми од историјата, ние можеме да правиме културна политика. И тоа се филмови, емисии, телеконференции, учества од студиото во Софија и Скопје. И тогаш ќе почнеме да зборуваме. Не знам дали е добро или лошо. Кога зборувате со некого, потешко е да го пцуеш лице в лице отколку на Фејсбук. Знам од искуство“, коментира Кошлуков.




