пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ / СЛОБОДЕН ПЕЧАТ
Опозициската политика на Мицкоски не почива на никаква демократска и изборна легитимација, ниту во себе има некое демократско педигре, туку сѐ се сведува на задоцнета и принудна самоодбранбена војна против Заев.
Во оваа земја пред само неколку години, додека „злосторничкото здружение“ (кованица на Н. Димитров) беше власт, многу побрзо ќе стигнеше пица отколку полициска екипа, па поради тоа може слободно да кажеме дека денешниот манир на опозицијата со Мицкоски постигна совршен баланс помеѓу некомпетенција и незнаење. И, какви поуки извлекоа од нивното „јавно занимавање“ со политика?
Овој денешен коктел на опозициски „октогонални“ глави, квадратни кошули (усовршена верзија на бели чорапи), составена од сурија опозициски политичари кои само до вчера делеа доброволно само еден мозок, па сосема природно им претставуваше мала порција, за веднаш потоа да се јават „ксерокс“ – фотокопирани лидери без авторски права, вклучително и некои осамени надри-новинари кои подбуцнуваат против владата на Заев само за да успеат во своите влажни соништа да им се „случи народ“. Или, да бидам уште попрецизен: опозицијата се однесува како воена војска која сака да ја разбуди својата комирана обична војска.
Перфидно насилство
Опозициската политика на Мицкоски не почива на никаква демократска и изборна легитимација, ниту во себе има некое демократско педигре, туку сѐ се сведува на задоцнета и принудна самоодбранбена војна против Заев. Добро, да не се лажеме. Сите знаеме дека денес ВМРО-ДПМНЕ во политичкото поле функционира како „жандармериска“ станица и со тоа уште се фали! Ама ќе биде многу незгодно доколку на состаноците на ИК или во „институтот за патриотизам“ на Пандов, ќе се лицитира со апсење кога ќе ја преземат власта на 31 лимбург месец. Мицкоски не сфаќа дека не се станува лидер според законот на физиката, туку според законот на политиката. Имено, општеството како и природата не познава вакуум; статистите само го пополнија празниот простор што се случи после бегството на Груевски. Благодарејќи на тој факт, Мицкоски во својот рејтинг пред народот порасна на „плус нула“.
Со лажните вести, идиотската пропаганда, со контролата на медиумите кои тие ги поседуваат, општествената енергија ја движат со средновековна политика, а со тоа го убиваат кој било и чиј било општествен консензус за сите важни прашања. Ако не се спремни да поддржат ништо што во оваа земја претставува европска реформа само поради дневнополитички поени, тогаш можно е да добиеме систем од перфидно насилство, за кое гледаме како се шири на Фејсбук и на Твитер. Во такво јавно подбуцнување и глодање, граѓаните го губат правото да имаат свои права. Едно од тие „укинати“ (а загарантирано) право е (не)излегувањето со свој кандидат за градоначалник во Штип. Без борба, без понуда и без личност сакаат власт.
Оттука, генералштабот на ВМРО-ДПМНЕ се погрижи за три работи. Прво, после бегството на Груевски, Мицкоски направи план за апсолутна дефамација кон Заев и рушење на секој предлог што ќе дојде од СДСМ. Со тоа на македонската политичка сцена и е вграден нов чип на перманентен и траен конфликт за дестабилизација како свесен избор на оние што за тоа одлучуваа: Мицкоски со разни „источни“ структури. Ако попуштат и ако направат нешто кое ќе и користи на државата – на пример, договор со Заев – сметаат дека така ќе се маргинализираат. Ако се пуштат во реанимирање на сопствената ВМРО-ДПМНЕ, под таа или под некоја друга олигархија која ги финансира, ќе изгледа дека го предаваат „изворниот“ лидер. Во секој случај, идејата е намерна препрека за нормализација на Северна Македонија. За сето тоа помош им стигна и од самиот Груевски, без разлика што е на „безбедна дистанца“.
Вториот план, Александар Николовски и Антонио Милошоски, на брифинзите за медиуми, дизајнирани како „слепи глувци“ поставуваа пет „логични“ и фројдовски стапици: не се извинуваат за сите злодела кои ги направија во минатото, ниту имаат одговорност за создавање своја мафија и не признаваат дека на нивните медиуми им е наложена бедна улога од „мануфактура на согласност“. Со тоа можеби го спасија своето политичко постење, ама ја дискредитираа дополнително улогата на медиумската сцена, во обид да бидат се што не беа претходно; напротив, продолжија да бидат „болшевици на директивата“ во медиумите кои егзистираат со унгарски капитал.
Атмосфера на вонредна состојба
Третиот план е по секоја цена се задржи атмосфера на вонредна состојба и на зголемена температура во државата се додека не се раздрма Заев, кој е досега најдобрата политичка понуда и парадигма во Северна Македонија. Нивните опозициски медиуми може да делуваат исклучиво само на ограничени прашања за кои претходно постои конструирана согласност. Ама и тоа им пропадна!
Во меѓувреме, нивниот лидер Мицкоски и неговите трабанти немаат политика, туку имаат политичко-медиумски кастинзи. Почнаа поделби на оние што влегоа во базен со виски, оние што на митинзи доаѓаа со супер луксузни автомобили и на оние што на своите глави ставаат црвени патриотски беретки врескајќи кој од кого е поголем Македонец. Дури, ако добро читаме, се најавуваат нови „сензации“ и „пикантерии“ во нацијата која е прилично растурена од шокови.
Од друга страна, СДСМ денес изгледа и се однесува пристојно, се обидува да го стабилизира здравствениот систем кој е подложен на шокови. Се помагаат компании, уметници, работници. Се има впечаток како да не е доволно. Компании кои се жалеле од корона кризата добиле средства од владата, за пред некоја ден да прочитаме дека не ги исплатиле тие пари на работниците. Не се знае кој е овде луд, дали оние што ти помагаат или компаниите кои прво ти бараат пари, а потоа не ги исплаќаат на своите вработени? Во кадровска смисла, СДСМ е прилично уиграно. Се реагира навремено, брзо, јасно и концизно. Ако се погреши, веднаш следи извинување. Јавноста се слуша, штетите се санираат. Притоа, не е влезена во конфликт со невладини организации и новинари – сѐ што беше стандардна пракса на претходната влада. Никој денес не може да ѝ парира на политиката на Заев – апсолутно е невозможно да се води политика без него. Не затоа што тој држи монопол, туку затоа што изворот на кој опстојува оваа политика е универзален. Универзалноста, пак, е сестрана и севклучувачка.