Во соработка со Здружението на граѓани „Активо” од Велес, Општина Велес изработи три нови дизајнерски решенија на три пешачки премини.
На улиците „Алексо Демниевски Бауман” (во близина на ЈП „Парк спорт”), „Борис Трајковски” (во близина на ООУ „Васил Главинов”) и на улицата „Петре Прличко” (во близина на ООУ „Панко Брашнаров”), десетина волонтери, млади ликовни уметници од Велес во изминатите четири ноќи работеа на новите дизајни на пешачките премини под надзор на вработените од секторот за урбанизам од Општина Велес и во соработка со СВР Велес.
Пешачките премини се изработени во 3Д модел и со предупредувачки зборови со цел зголемување на видливоста на пешаците и побезбедно одвивање на сообраќајот на улиците во Велес.
Оваа активност е дел од активностите кои во рамки на проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”) кои се организираат во текот на оваа седмица, а со тоа Општина Велес од 16 до 22 септември ја одбележува Европската недела на мобилност.
Проектот го подготви тим од општината, а финансиски е поддржан од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ).
Проектот ќе биде заокружен на 22 септември (недела) со реализација на завршниот настан кога ќе се одбележи Денот без автомобили.
Ко-спонзори на оваа активност од Европската недела на мобилност се и Европската Делегација во РСМ и ЕУ Инфо центрот во Скопје, како и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Општина Велес ги повика сите заинтересирани да се приклучат кон активностите, а детали за истите може да се најдат на интернет страната на општината и на социјалните медиуми.