Милиони српски гранати и ракети продадени на САД, Саудиска Арабија и приватните компании што ги претставуваат, наводно, завршиле во Сирија и Јемен во последните три години. Дел од оружјето било пренесено и преку аеродромот на островот Крк, Хрватска. Во близина на воен склад на Министерството за одбрана на Република Хрватска (МОРХ) во Гробник, наводно, била сместена тајна американска единица Task Force Smoking Gun која ги координирала и надгледувала пратките со оружје за Сирија.
Дел од оружјето, според текстот објавен вечерва (21/9/2019, Bombastično otkriće: Tajna američka jedinica slala srpsko oružje preko Krka?), завршило во рацете на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), џихадистичка паравоена и поранешен огранок на Ал Каеда во Сирија. Наводно, дел од оружјето завршило и во рацете на филијалата на Исламска држава во Јемен, но ова оружја не било транспортирано низ Хрватска, се вели понатаму во текстот на популарниот хрватски портал.
Сето ова го тврди бугарската истражна новинарка Дилјана Гајтанџиева на специјализираниот портал Arms Watch, кој самата го основала, врз основа на мноштво документи што, наводно, ги добила од непознат свиркач, веројатно поврзан со српските државни воени компании, производителот на оружје „Крушик“ и извозникот на оружје „Југоимпорт“.
Наводно, се работи за откриени договори за продажба, внатрешни белешки, распореди за испорака, фотографии, списоци со пакување со сериски броеви на оружје, дури и пасоши на дилери на оружје и владини претставници од САД, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија кои ја надгледувале операцијата.
Во голем извештај од три дела, Гајтанџиева тврди дека, со следење на серискиот број на српско оружје што го купила американската влада, таа можела истото да го идентификува во рацете на јеменскиот огранок на Исламска држава.
To #Serbia: Arms Watch’s been blocked in Serbia due to DDOS attack from Serbia. If you want to read how Serbian interor minister’s father buys state weapons at a much lower price smuggled to ISIS in Yemen, please install VPN on your phone, press Connect and you can read all docs https://t.co/0cEE630TNL
— Dilyana Gaytandzhieva (@dgaytandzhieva) September 17, 2019
Гајтанџиева тврди дека српски хакери го блокирале пристапот до нејзиниот веб портал во Србија.
Во Јемен се води крвава граѓанска војна повеќе од четири години, каде што бунтовниците Хути, наводно, уживаат поддршка од Иран, додека арапските коалиции предводени од Саудиска Арабија се директно вклучени на страната на меѓународно признатата влада. И Исламската држава во Јемен се бори против Хутите во северниот дел на земјата, иако им се непријатели и на другата страна во конфликтот.
Претходно, еден експертски панел на ОН издаде извештај во текот на овој месец, предупредувајќи дека САД, Велика Британија и Франција може да бидат одговорни за воени злосторства извршени од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, бидејќи тие земји продолжуваат со извоз на оружје во Саудиска Арабија. Во бруталното бомбардирање и воените судири, најмалку седум илјади цивили се убиени, официјално, иако реалните бројки би можеле да бидат многу поголеми. На милиони луѓе им се заканува смрт со глад и болести предизвикани од економската блокада.
Yemeni soldier with a serbian zastava M93 anti material rifle. also since im pretty sure theyre going to be using all the same weapons SDF and rebels in syria use, ive been seeing these technicals pop up around Yemen so looks like its the Polish ZM Tarnow Zu-23-2CP pic.twitter.com/BvT1emqpMq
— Lost Weapons (@LostWeapons) August 20, 2018
Профилот Изгубено оружје (Lost Weapons) со фотографии прикажува како српското оружје се наоѓа во рацете на различни завојувани страни на боиштата на Блискиот Исток.
Иако не е релевантен за Хрватска, овој дел од приказната е многу поексплозивен за Србија, бидејќи оружјето наводно било извезено од српската приватна компанија ГИМ, предводена од Бранко Стефановиќ, татко на српскиот министер за внатрешни работи и вицепремиерот Небојша Стефановиќ. Покрај прашањето каде заврши оружјето, „Arms Watch“ од Бугарија, упатува и на корупција, бидејќи ГИМ, наводно, го купил оружјето од „Крушик“ по многу пониска цена од онаа што за прв пат била понуден, според документите до кои дошла бугарската истражувачка новинарка.
Извештајот веќе предизвикува нервоза во Србија, додека авторката Гајтанџиева тврди дека нејзиниот веб портал „Arms Watch“ е мета на хакерските напади во последните неколку дена, а кои, наводно, доаѓаат од Србија и го блокираат пристапот до нејзиниот медиум во таа земја.
Сепак, хрватскиот портал заклучува дека тврдењата изнесени од новинарката на „Arms Watch“ се неверојатни: дека американската влада вооружувала терористи додека официјално се бори против нив. Според информациите објавени од Гајтанџиева, официјалните дестинации за купеното српско оружје биле Авганистан и Катар, но дел од тоа оружје завршило во Сирија и Јемен.
Хрватскиот Индекс побарал експертско мислење за ова експлозивно откритие и уште поинтензивните обвинувања од воениот експерт од порталот Обрис, Игор Табак.
„Број еден, изгледа многу реален. Број два, се чини премногу детално за да биде новинарски труд, туку повеќе наликува на политичко или разузнавачко истекување на информации. Број три, основата на овие текстови се најразлични службени и деловни документи од Србија, за кои се барале дополнувања наоколу – Дали е тоа резултат на некаква политичка игра, бидејќи третиот дел јасно го обвинува вицепремиерот дека е извор на корупција, односно дали документите се пиштени во оптек поради внатрешни игри, затоа што некој сака да го смести Стефановиќ… Тоа е можно, но можна е и поширока игра“, анализира Табак.
„Меѓутоа, потеклото и транспортот на оружјето се добро документирани, но она што му недостасува на авторот се поконкретни тврдења за трасата на споменатите воени производи од напуштањето на Србија, Бугарија или Хрватска до споменатите терени, на боиштата на Сирија или Јемен. Авторката (Гајтанџиева, н.з.) ги премостува недостатоците на документи и конкретни сознанија со претпоставки – за да ја заврши приказната со сериозни обвинувања, во кои шпекулира и се служи со многу тешки зборови. Ситуацијата во Јемен е малку појасна отколку во Сирија, бидејќи јасно е дека Саудиска Арабија го има главниот збор, но на авторката ѝ недостига таа клучна врска меѓу самите производители (и првите американски купувачи) од една страна, и теренот во Јемен од друга – поточно, моментот на транзиција од легален извоз во нелегална воена употреба. Освен тоа, ова се релативно мали договори за мали количества оружје во споредба со количини воени средства за кои активните фронтови во Сирија и Јемен им се потребни на дневна основа“ – заклучува Табак.
Од целата сторија на хрватскиот портал кој ја анализира работата на бугарската новинарка, произлегува дека едно е сосема извесно – бугарската новинарка има некакви документи, но ни оддалеку толку релевантни за да имаме квалитетна и добро покриена сторија. Но, извесно е и дека поединци од високиот државен врв на Србија, како што произлегува од документите, или е вклучен во валкан меѓународен шверц со оружје, или на повидок е политичко разузнавачка турбуленција меѓу српските политичари.