Германскиот амбасадор Томас Герберих е оптимист дека на Самитот на Европската Унија во октомври ќе биде донесена позитивна одлука за почеток на претпристапните преговори на нашата држава со ЕУ.
„Сите ја чекаме оваа одлука на Советот на ЕУ и навистина сум повеќе од оптимист дека тоа ќе биде јасно гласање за започнување на преговорите за членство во ЕУ. И покрај сите тешкотии и сите недостатоци што се уште опстојуваат, Северна Македонија создаде успешна приказна на Западниот Балкан, особено во однос на тоа регионот да стане меѓусебно поблизок. Во изминатите три години, Република Северна Македонија ги затвори сите отворени прашања со соседите“, рече Герберих на денешната конференција посветена на перспективите на изборните реформи, организирана од ЦИВИЛ.
Тој посочи дека Северна Македонија со Преспанскиот договор направила голем пресврт со историски димензии и дека овој Договор треба да биде пример во светот.
Според него, сега е важно државата да се посвети на реформите што Собранието претходно ги има усвоено и за кои има гласано и опозицијата.
извор МИА