По наредба на главната обвинителка за организиран криминал, Вилма Рускоска, екс-специјалната обвинителка Катица Јанева била физички следена 10 дена по ред, пред да биде уапсена. Ова го потврди денеска нејзината одбрана, откако заврши увидот на доказите од ПИ мерките кон Јанева.
Таа била физички следена каде се движела, што правела, со кого разговарала, кого посетила, кој сѐ и бил на гости последните десетина дена пред да биде уапсена.
Адвокатите на Јанева, исто така, потврдија дека и двајцата прво осомничени во „Рекет“ Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец биле следени физички, но во период од 30 дена. Адвокатите не коментираа дали Рускоска има доволно цврсти докази против неа.
„Денеска завршивме со оние докази што ги имаше обвинителството. Денеска ги видовме ПИ мерките спроведени кон Јанева и дел од разговорите дослушавме денеска. Извршивме увид и во ПИ мерките кон Бојан Јовановски и Зоран Милески. За Јанева, ми се чини, околу 10 дена е следена, а за Бојан Јовановски и Зоран Милески околу 1 месец. Само физичко следење, нема ништо друго“, изјави адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска.
Инаку Катица Јанева утре очекува судот да одлучи по барањето за пуштање од притвор.
А. Зеќири