Една година по Референдумот за поддршка на Преспанскиот договор, Фронтлајн му постави прашање на Премиерот Зоран Заев: „Каде бевме, а каде сме сега, една година по Референдумот?“
„За мене е значаен ден заради тоа што еве една година, кога беа фокусите на јавноста и сите очи вперени во референдумското прашање, во излезеноста на референдумот, во успехот на референдумот и слично, сите бевме свесни зошто е важен овој референдум. Овој референдум и тогаш беше важен и еве после една година констатираме и зошто бил важен, заради двете најголеми стратешки цели на државата, а тоа е членството во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
После една година еве сме на портите да бидеме 30 земја членка на НАТО. Останаа уште 7 земји да ја завршат ратификацијата, верувам дека навремено тоа ќе се случува, очите ни се вперени во Шпанија заради изборите коишто се закажани на 10 Ноември, но знаеме дека тоа е извесно и ќе бидеме 30-та земја членка на НАТО.
Но, севкупната дебата и фокус истовремено паралелно е насочен на престојната одлука на Европскиот совет кој што, конечно, како што реков, после 15 години треба да ги отвори вратите, односно, да донесе одлука за добивање на датум за почеток на преговори, отварање на поглавјата, отварање на паралелните структурни кохезиони фондови коишто ќе значат една позитивна трансформација на целото наше општество кон европско општество. 610 000 граѓани гласаа “За” од излезени 667 000 вкупно гласачи.
Прво, таква бројка од 610 илјади граѓани ниту една партија не добила. Тоа беше силна порака од граѓаните, како што е и денеска пораката преку 80% за ЕУ и НАТО од страна на граѓаните дека треба нашата држава да продолжи во тој пат. Јас жалам што и тогаш, но еве и денеска, опозицијата не го дава прилогот во делот на крупните политички одлуки. Таа го даде својот прилог во делот на носењето на законите коишто беа важни во европската реформа, а се составен дел на извештајот од ЕУ. Но, ниту г-нот Мицкоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ, не дадоа прилог. Водеа строго партиско-политички цели без разлика на интересот на државата.
Донесовме храбри одлуки од коишто благодетите граѓаните веќе ги чувствуваат, а допрва ќе ги чувствуваат со исполнување на овие две стратешки цели“ – изјави Премиерот Заев за Фронтлајн.
Јане Ѓорѓиоски
камера: Атанас Петровски