За само неколку часа откако професорката Тања Каракамишева објави членска книшка од СДСМ која гласи на име Митко Јанчев, порачувајќи -,,Кога партиите се хоби и строгонаменски бизнис”, кавадаречкиот градоначалник откри чија била всушност книшката за која веднаш демантираше дека е негова.
За ,,Фокус” тој достави фотографија со истиот сериски број на членската книшка, а на неа стои името на Катица Јанева.
-Еве, јавноста нека види со какви ниски работи се служат некои луѓе. Ова во најмала рака е урнебесно, но за жал има луѓе кои веруваат на ваквите лаги. Книшката за која Каракамишева пишува дека е моја, всушност е истата книшка, со истиот сериски број за која се крена голема прашина уште во ноември 2016 година. Тогаш многу медиуми ја објавија истата книшка, тврдејќи таа и припаѓа на поранешната специјална обвинителка. Дури и се држеа пресови поради тоа. Случајно дојдов до ова сознание, пребарав на интернет, бидејќи и во минатото се случувало некој да биде обвинет дека поседува партиска книшка, без оглед на тоа за која партија се работи. Нема да ме изненади ако еден ден ја видам истата книшка, со ист сериски број и со името на Никола Груевски на неа, како што тргнале нештата, се е можно – вели Јанчев за ,,Фокус”.
Тој додава дека доколку во рок од 24 часа не добие јавно извинување од Каракамишева ќе ја тужи за клевета и фалсификат.
Извор: Фокус