„Влегуваме во последната фаза на ратификации на Протоколот за наше полноправно членство во НАТО, но влегуваме и во фазата на последни чекори пред нашето исполнување на обврските. Еден од тие чекори е носење на измени и дополнувања на Законот за одбрана, каде што како држава покажуваме дека веќе не сме сами и дека од самоодбрана преминуваме во еден колективен систем на самоодбрана, во кој што нападот на било која членка на НАТО, значи напад на сите и значи дека сите би се мобилизирале за помош. Истиот принцип го вградуваме и во нашиот Закон за одбрана и предвидуваме многу јасна процедура, на каков начин може нашата држава да побара помош од НАТО, барање за реакција на НАТО, а и на каков начин ние ќе ги носиме одлуките за учество во одредени НАТО операции“, изјави министерката за одбрана, по денешниот брифинг со новинарите. Шекеринска истакна дека Законот предвидува учество во мисии не само на припадници на Армијата, туку и на луѓе од целиот одбранбен сектор.
„Законот е системски, Законот е двотретински, со најголемиот дел од пратеничките групи во Собранието веќе комунициравме на оваа тема и следната недела кога ќе почне дебатата по ова прашање, навистина очекувам плодна дебата, но очекувам по ова прашање навистина широк консензус и двотретинско мнозинство. Нашата држава стига до овде, да биде на крај на ратификациониот процес. Ја добивме поканата во 2017 заради тоа што покажавме дека тоа што ќе го ветиме, го исполнуваме и дека сме партнер на кој што можат да се потпрат. Немаше ниту една најава, ниту една обврска која што ја превземавме, а до сега да не покажеме дека имаме капацитет како држава да ја реализираме. Сакам и оваа законодавна обврска целосно да ја завршиме пред самитот во Лондон и убедена сум дека и на тој начин ќе го изградиме впечатокот дека нашата држава е кредибилен партнер на НАТО. Не сме најголемата, не сме најбогатата членка. Ќе бидеме најновата членка на НАТО, но верувајте дека во изминатава година успеавме да го промениме ликот, имиџот и впечатокот за сите наши институции. Дека не даваме нереални ветувања, дека никого не лажеме, дека никого не манипулираме и дека имаме капацитет да седнеме на маса со најмоќните и најбогатите држави на светот“, изјави Шекеринска.
Сепак, како што изјави министрката најголемата промена во законот е што Собранието и Владата ќе продолжат да соработуваат на овие теми, но одлуката за учество во НАТО операции ќе ја носи Владата. Што се однесува до мисиите од типот на Обединети Нации, учество на мисии на ЕУ, остануваат и понатаму да се одлучуваат по сегашната постапка, како предлог на Влада стануваат точка на дневен ред на Собранието.