Група бугарски интелектуалците започнаа петиција против декларацијата на бугарската влада во однос на ЕУ интеграциите на Северна Македонија, која предизвика шок во Скопје. Сметаат дека Софија промовира потценувачки однос.
Бугарските интелектуалци го сметаат за апсолутно неприфатливо враќањето на јазикот на националкомунизмот, за каков што го сметаат оној употребен во декларацијата на бугарската влада која беше прифатена и од парламентот. Во декларацијата на официјална Софија се наведуваат серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ. Едно од клучните барања на источниот сосед е никаде на ниво на ЕУ да не се споменува македонскиот јазик.
Група бугарски интелектуалци, меѓу кои има историчари, адвокати, етнолози, политолози, и црковни лица, започнаа отворена петиција во која со контра-декларација остро ги критикуваат позициите на нивната влада.
„Го изразуваме нашето разочарување и длабока загриженост од рамковната позиција на бугарската влада“, пишуваат интелектуалците меѓу кои досега се потпишани Огњан Минчев, Николај Василев, Кирил Чуканов и други познати јавни личности. Тие велат дека ги поддржуваат барањата за забрзана работа на мешовитата историска комисија, но не можат да се согласат со „тонот на декларацијата“, кој го оценуваат како „недозволив.“
Таа содржи голем број на загрижувачки и проблематични барања“, наведуваат тие и оценуваат дека инсистирањето на „заедничка историја до 1944 година“ од научна гледна точка е тешко за одбрана.
„Во неколку наврати тоа се навестува само како историја на еден народ- бугарскиот. Во пракса, всушност се бара од македонската страна да ја препише бугарската историја до таа година. Всушност, денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација. Затоа, ние го осудуваме поимот ’кражба на историјата’, кој честопати се користи од некои националисти од обете страни.
„Рамковната позиција исто така вклучува и наивно разбирање, дека за прашањата на идентитетот на сите историски личности има лесни и недвосмислени одговори од денешна гледна точка, поради што се поедноставува дилемата ’или Бугарин или Македонец’“, пишуваат бугарските интелектуалци.
https://priorities.bg/deklaracija-po-ramkovata-pozicija-na-balgarskoto-pravitelstvo-za-makedonija-otvorena-e-za-podpisi-kakto-ot-balgari-taka-i-ot-makedonci-pishete-dolu-dve-imena-i-profesija/?fbclid=IwAR2Nb8NO8h2szrp6dFLNhdKu4WWOCzxbymFqL8SgHI4aL4G_Zsby6idixzg
Извор: Дојче веле