Денес го славиме Денот на народното востание, денес славиме 78 години непокор.
Со импровизиран напад на градот, стилизирана реконструкција на случувањата од пред 78 години, богат огномет што кулминираше со развиеорено „алово“ знаме од балконот на Участакот, Прилеп, го одбележа 11 Октомври – Денот на народното востание.
фото: prilep.gov.mk
– На овој ден пред 78 години, во Прилеп одекнаа слободарските пушки и востаничките истрели. Храбрите партизани ја започнаа борбата за социјална правда и слобода, испишувајќи го овој светол датум во историјата, вграден во македонската државотворност. 11.Октомври е симбол на непокорот, пркосот, храброста, гордоста и достоинството, стремежот за слобода не само на прилепчани, туку на сите граѓани на нашата земја. Затоа и денеска се сеќаваме на делото на хероите, им оддаваме почит и се поклонуваме пред нивната жртва. Животите на 15 народни херои и 650 борци од Прилеп се вградени во денешната слобода, затоа и нашиот град го носи епитетот Град Херој – Првоборец, истакна градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.
– Секоја успешна реформа, европски спроведен закон, секоја инвестиција и нови работни места, еднаквост, толеранција, дијалог, заеднички успех и достигнување, секоја заложба во градењето на вистински европски вредности, водат на патот на ЕУ и на создавање безбедна, стабилна и економски силна држава.“, додаде Јованоски пред присутните прилепчани и другите гости кои ја проследија манифестацијата
Покрај импровизираниот напад, присутните имаа можност да го погледнат музичкиот перформанс на Dance Studio од Куманово, настапите на The Dramers, MDaveiro и IM-X, како и на DJ Haris и Robbie Ray Ledrobot.
Одбележувањето на 11 Октомври во Прилеп, ќе трае до 15 октомври, а започна во неделата на 6 октомври, со одржување на Меѓународниот турнир на џудо клубот „СЕИШИН“ и Downhill купот „Топташ 2019“.
Покрај изведбата на театарската претстава „Глембаеви“, изложбата на Меѓународна ликовна колонија „Куманово“ 2018, крводарителската акција на Црвениот крст, промоцијата на книгата „Старите занаети во Прилеп“, мотокрос трката „Stormriders 2019“, авто слалом натпреварот „Прилеп 11.Октомври 2019“, традиционалниот импровизиран напад на градот и огнометот, како и повеќето други манифестации, Општина Прилеп,оваа година стави посебен акцент на обновувањето на традицијата на организирање граѓански марш до Могилата на непобедените.
Ј.Ѓ