„Сите сме дел од мозаикот кој треба да се пополни, за да се заокружи борбата во која жената ќе дојде до посакуваната, заслужената, рамноправна позиција во општеството. Сè уште има предрасуди за способностите на жената во нашето општество кое се заснова на патријархално воспитување и традиција, а посебно е изразена скепса кога жената треба да се издигне во бизнис секторот. Но за среќа, полека но сигурно, предрасудите се надминуваат… Секако дека уште има примери, иако сè помалку, каде жената е помалку платена од мажот за иста работна позиција, но и тоа е сè поретко“, вели Лидија Трипуноска, генерален менаџер на Агенцијата „Марили“, во интервју за frontline.mk.
За среќа, во поранешните социјалистички земји, каква што беше и нашата, жената беше навистина почитувана и рамноправна, но капитализмот малку ги измести вредностите, вели Трипуноска.
Лидија Трипуноска е генерален менаџер на Агенција „Марили“ – маркетиншка, издавачка и видеопродукциска куќа со традиција од над 20 години. Трипуноска е борец за женски права повеќе од 25 години. Добитничка е на престижната награда „Жена на 21. век“ која и беше врачена минатата година во Белград.
Агенцијата го издава Бизнис каталог на Република Северна Македонија веќе 24 години, а исто толку долго ја организира манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери од РСМ и дијаспората“, преку која ја охрабрува современата жена да ги покаже своите способности и во бизнис сферата.
Агенцијата има сопствен МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ кој ги обединува жените менаџери од манифестациите.
Веќе 25 години се трудите и успевате да ја афирмирате жената во бизнисот, нејзините успеси, нејзината моќ за управување и организација. Од каде мотив и идеја дека токму жената е таа за која треба да се борите, дали појдовте од себе или некогаш сте почувствувале дискриминирани токму поради родова нееднаквост?
Да, идејата е стара. Тоа беа почетоците на трансформација на нашето општество, на премин од државно кон капиталистичко, приватно и пазарно стопанисување, кога беше беше храброст да се направи еден исчекор, жената да влезе во приватниот сектор. Некако тој период се совпадна и со моите идеи, да направам сопстевни проекти и да се борам. Работев и тогаш во делот на маркетингот и имав можност да се сретнам со сериозни жени што го правеа тој исчекор. Да ги слушнам нивните приказни кои беа инспиративни, а исто така сфатив дека тоа се совпаѓа со тематиката и проблемите со кои јас се соочувам, посебно во отпочнување на сопствен бизнис. Сето тоа ме инспирираше да се борам, зошто жените заслужуваат да бидат наградени, да им се даде почит и признание, бидејќи навистина е тешко, со оглед на тоа дека во најголем број случаи нашата жена е семејна, сепак ние влечеме некои патријархални корени на воспитување и на развој, да стекнеме доверба кај нашите соработници и воопшто во околината… На почетоците имаше случаи кога се немаше слух за тоа дека жена менаџира со бизнис. Постоеше скепса кога ќе понудев проект, ми требаше доста време да убедам луѓе од бизнис заедницата во која преовладуваа мажите… Јас лично се среќавав со такви ситуации, а познавам и многу други такви приказни во кои изостанува довербата во жената дека може сама да води сопствен бизнис. Има такви примери и денеска, но за среќа, многу помалку.
Важите заложби се очигледни. Со години ги посочувате жените како рамноправен борец во „машкиот свет“. Сметате ли дека во Македонија сè уште има случаи каде жените кои се на иста функција/позиција како и мажите, а помалку се платени?
Во нашето општество е помалку застапено. Сепак, ние имаме една традиција од времето на социјализмот кога жените биле рамноправни. Сите земји кои гравитираат околу тој социјалистички блок имаат поголема рамноправност и во однос на вршење на одредена функција и во однос на рамноправно плаќање. Сепак, тоа се случува и кај нас. Имам информации за таков тип на дискриминации.
Лани во Белград ја добивте наградата „Најжена на 21.век“. Тоа по сите основи не е мало признание. Дали тоа направи да се почувствувате како „борец за човекови права и родова еднаквост“ од рангот на една Роза Луксембург или Клара Цеткин?
Во таа насока можам да зборувам дека станува збор за еден многу стар проект. Да одвоите 25 години за било каков проект е навистина долго време, особено кога се борите за некаква еднаквост, права. Од тој аспект, а и од аспект на тоа дека добив регионална награда, каде беше и констатирано дека нашиот проект ваков каков што е, е најстар на Балканот. Само од тој аспект можам да бидам горда и да се сметам за борец за женските права на овие простори, на Балканот. Секако битката која е започната уште на почетокот на минатиот век е многу пореволуционерна. Таа сè уште трае и ќе трае, бидејќи процесите за женските права одат доста бавно… Не кои други процеси, во однос на некои други права, во изминатите две, три децении одеа многу побрзо одат напред… Во однос на женските права уште се ставаат „кочници“ жената да се оствари како комплетен субјект, на семејно, бизнис поле…
Ги препознава ли македонското општество напорите на жената да создаде поубав и похармоничен свет?
Секако дека ги препознава. Има напредок. Ние сме сè повеќе демократско општество свртено кон европски вредности. Дадени се многу можности, особено во делот на женското претприемништво, но мислам дека треба да ги следиме стапките на високоразвиениот европски свет, каде што и со загарантирани квоти е обезбедено позицијата на жената да биде на одлучувачките места во економијата. Во таа смисла треба многу поцврсто, посилно, покатегорично да се бориме. Инаку да, сметам дека напредуваме во делот на женските права.
Што треба да направиме како народ, како земја во борбата против родовата нееднаквост?
Мислам дека секој напор, независно дали е тоа некој ваков независен проект како мојот, а има многу такви, напорите што ги правите вие како медиуми, сите тие се по едно зрно во мозаикот. Сите ние треба многу да вложуваме, да се работи континуирано, постојано и перманатно за да се постине успех во борбата со родовата нееднаквост… Можеби проблемот не е толку голем во бизнис сферата, туку во социјалниот сегмент, кога жената ќе остане без средства, и тоа е нешто што треба вистински да не загрижи и кон тоа да бидеме многу повеќе насочени.
Каде е мажот во борбата за родова еднаквост?
Мажите мора да учествуваат, бидејќи ние колку и да се поддржуваме, еве тоа е и пример кој трае со години, како што е нашиот Марили Бизнис Клуб, сепак мора да има помош и доверба и кај мажите и кај оние кои се на одлучувачка позиција. Ако го нема тоа, битката ќе биде уште подолготрајна и потешка.
Подготвена ли е С.Македонија да има жена претседател?
Секако дека е подготвена. …Од таа огромна плејада на жени менаџери, сигурна сум дека можеме да имаме оперативен премиер или почесен претседател. Мислам дека не е далеку мигот кога ќе имаме жена претседател (претседателка).
Што би и порачале на македонската жена?
Би и порачала да биде истрајна, упорна, амбициозна, да биде и семејна. Да верува дека богатството на љубовта и семејството може да се сподели подеднавко и во бизнис приказната, иако тој пат е многу напорен, но е пат кој многу ја облагородува жената. Јас познавам многу такви жени, и сметам тека тоа е вистинскиот пример за секоја жена.
Постојат ли уште стереотипи дека жената мора да седи дома и да се грижи за семејството, да раѓа и да чува деца?
Да, постојат такви стереотипи. Колку и да мислиме дека сме отидени напред од аспект на тоа јас како ги работам проектите. Одново и одново се изненадувам кога во некои средини ќе го слушнам тоа. Можеби постарата генерација тоа повеќе го практикувала, меѓутоа тоа и кај младите е длабоко е вкоренето, иако тоа не го прикажуваат првично…..Сепак, нашето општество оди напред во однос на женските права.
Интервју: Ивана Т.Зафировска
Монтажа: Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Сите права се задржани. Преземањето е возможно само со писмена дозвола од Редакцијата.