пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Атмосфера исткаена од неразбирање, сомнежи и стравувања за тоа во кој правец плови бродот на Европската унија, предизвикала француската блокада на преговорите со Северна Македонија, за време на вчерашното заседание на Министерскиот совет во Луксембург.
Неколку моменти биле битни:
Прво, ниту една членка не можела без резерви да открие на кој начин Франција ги покрива ризиците на Унијата од губењето на себе како критериум на принципиелноста, моралноста, правдата и слободата, со придобивките на новата методологија за проширувањето. Односно сите го одбиле францускиот резон, не самиот предлог за нова методолигија, да се разбереме, и го прогласиле за помалку или повеќе алибичен за некои други интереси кои го движат Макрон.
Второ, никој не можел да проникне во интересот на Макрон да ја конфронтира Франција практично со целата Унија. Новата методологија е важна, но нема таква потенција. Таа немоќ раѓала сомнежи, а сомнежите раѓале стравувања.
Трето, еден од елементите на реформата на Унијата за која се залага Франција, е надминување на принципот на едногласноста, односно прифаќање на можноста решенијата да се носат со мнозински принцип. Што е во директна колизија со позиционирањето на Франција по прашањето за Македонија, каде што Париз го оневозможува одлучувањето на сите други членки односно го прави неважечки нивниот став. Со што не се блокира само Македонија, туку се блокира целата Унија. И ја деградира Комисијата, нејзините принципи, политики, заложби и целокупната работа, не само на темата за проширувањето, туку на сите други теми. Никој не бил во состојба ниту да се приближи до рационален одговор на прашањето зошто Париз се однесува така.
Според некои извори, хрватскиот премиер Пленковиќ се обидел да им демонстрира на Французите што значи нивниот критериум, заканувајќи се дека Хрватска ќе ги блокира сите други одлуки кои се од интерес на Франција.
И анализата на геостратегиската ситуација го фрлила Макрон во тотална изолација, а неговите ставови во апсолутно неразбирање. Во услови кога Европската унија, вака или така, ќе остане поткастрена за една важна членка на својот север, на сите им се чини глупаво да се отвора нова порозност на јужниот обод на континентот. Во принцип, а особено во врска со драматичниот развој на ситуацијата на Блискиот исток, по турската инвазија врз северна Сирија. Никој не може да види зошто Париз инсистира да се ослабне линијата на одбраната, ако може така да се каже, на Европа од новиот бран бегалци.
Никој не може да разбере и зошто се остава простор за засилување на руската пенетрација на Балканот.
Или на турската.
Макар што на големо почна да се шпекулира дека Макрон работел за Путин, во што јас не верувам или дека ќе ја турка идејата за некаков мал Шенген меѓу Србија, Албанија и Македонија, како замена за членството во ЕУ.
Никој не е во состојба да разбере како тоа Париз не ги разбира негативните импликации на својот став за Македонија врз темата за косовско-српските односи. Кој таму ќе прави компромиси ако малку појужно со компромисите поминуваат вака како што поминува Македонија!?
Има мислења дека Макрон сака да ја искористи опаѓачката моќ на Меркел и да се наметне како европски лидер број еден, но и тоа е под знак прашалник затоа што со ваква конфронтација тоа никогаш нема да може да го постигне.
Значи уште една непозната.
Во игра се и други позиционирања во рамките на Европската унија. Особено по Брегзит. Каде ќе биде финансискиот центар на Унијата, да речеме и слични обиди за проширување односно стеснување на одредени влијанија и моќи.
Паѓа во очи и на еден начин ја деградира Унијата, газењето на обврските, на зборот и на моралот, како важни елементи во самата конституција на Унијата. На примерот на една односно две мали земји кон кои би требало да проработи еден друг принцип на Унијата- солидарноста.
Тој момент го искоментирав во еден статус на фб што тука го повторувам:
„Макрон се однесува како туристички водич кој го качил Заев на Ајфеловата кула е оттаму го бута затоа што се уште не изградил методологија за нормално симнување.
Расправата за методологијата е морален, политички, па дури и правен престап од многу висока категорија, тешка измама со која на вашата кула сте качиле цела една нација од два милини души и сега сакате, еден по еден, или сите топтан, да ги симнете на земја со спектакуларен лет во празно.
Разликата во масите е огромна. Тие два милиона од Северна Македонија не се ниту колку една тегла грашок во европската кујна, но супериорноста што ја влечете од тој факт, а не од принципелноста, моралноста и почитувањето на обврските кон малите земји посебно, не е европска категорија, таа е лажна и заебана работа!“
Мислам дека треба да се отфрлат и тезите за заговорот против Македонија. Во Грција или Бугарија сигурно има и такви сили, но тие никогаш нема да можат да израснат во проект што ќе го спроведува Франција. Македонија е многу блиску до полноправно членство во НАТО, има специјален договор со САД, таа е најдоброто или најмалку лошото решение за овој дел на Балканот и Европа.
Што не значи дека ние од внатре немаме сили да ги демантираме и разувериме сите. Така ќе биде сѐ додека не ја ликвидираме Злосторничката инсталација на чипираните идиоти и злотвори, викана вмро-дпмне. И сѐ додека не се свестат заблудените чеда на демократијата кои отидоа на привремена работа кај злосторниците.
Сѐ на сѐ, јас мислам дека Макрон нема да може да го издржи овој притисок и оваа состојба. И дека Северна Македонија на состанокот на Европскиот совет, утре и задутре, ќе добие датум за почеток на преговорите.
Што ќе биде ако, сепак, не добиеме датум!?
Ќе видиме!
Но, подгответе се за лоши разврски!
Нема друг одговор.
Ме трогна знамето на нашата држава пред Европската комисија. Дури и како монтажа. Јас имам заебантски однос кон тие работи какви што се знамињата и химните, но овој пат го доживеав истакнувањето на двобојката и целата оваа расправа околу датумот, како највисок дострел во кратката државотворна историја на Македонија. Највисок, запомнете го ова. Никогаш, под никакви услови, да не ги заборавите луѓето што го овозможија овој вознес, ставајќи си ги вратовите на трупците на македонскиот вмровистички примитивизам.