Американскиот Стејт департмент изрази разочараност што Европскиот совет не ги прифати „многу силните реформски напори“ на Северна Македонија и Албанија и не постигна согласност за започнување пристапни преговори со двете земји, пренесе МИА.
– Позитивната одлука би го потврдила кредибилитетот на нивниот пат кон ЕУ и цврсто би се спротивставила на малигните надворешни актери, кои сакаат да ги поткопаат западните вредности и евроатлантската заедница, се наведува во реакцијата на Стејт департментот, по вчерашната одлука на Советот на ЕУ да го одложи стартот на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.
Во соопштението се нагласува дека САД ја поддржуваат посветеноста на Северна Македонија и Албанија на трансатлантска интеграција и нивните аспирации за влез во Европската Унија и се изразува надеж дека Европскиот совет ќе постигне консензус за позитивна одлука за преговори со двете држави пред самитот ЕУ – Западен Балкан во мај идната година.
Стејт департментот посочува дека САД ќе останат стратешки партнер на Северна Македонија и Албанија се додека тие работат на зајакнување на владеењето на правото, справувањето со корупцијата, развојот на нивните економии и борбата против организираниот криминал.
– Ние ги охрабруваме двете држави да останат цврсто на патот на градењето на транспарентно, праведно и демократско општество во согласност со потребите на нивните граѓани. САД ќе продолжат да работат со европските партнери за да ги унапредат заедничките цели за стабилност и безбедност на Западен Балкан, се додава во соопштението на Стејт департментот по вчерашната одлука на лидерите на ЕУ.