Неуспешниот самит на лидерите на ЕУ на кој не се донесе одлука за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, денеска беше осуден од сите политички групации во Европскиот парламент.
Манфред Вебер, претставник на најголемата групација, Европската народна партија, вели дека ЕУ е одговорна да донесе доза на стабилност на сè уште нестабилниот Западен Балкан. Тој беше дециден дека Албанија и Северна Македонија заслужуваат европска перспектива.
“Многу баравме од тие земји, а сега вратата им е затворена пред нос. Губиме кредибилитет и тоа е сериозно”, предупредува Вебер.
Германскиот европратеник посочи дека против проширувањето биле лидерите кои доаѓаат од либерални парти, а конзервативните партии рече дека давале поддршка за проширувањето.
И Европските либерали, политичката групација од која доаѓа и Макрон, исто така го осудија исходот на самитот.
Дачијан Цилос, вели дека проширувањето мора да остане во срцето на политиките на ЕУ.
“Не можеме да замислиме силна Европа, а таа да не биде отворена кон соседите, особено кон оние кои веруваат во неа можеби и повеќе отколку што веруваат некои земји членки. Европа мора да остане мотор на демократските реформи, а нејзината врата да остане отворена”, рече Цилос пред Европскиот парламент.
Пратениците од Европската зелена партија беа уште по директни во обвинувањата кон францускиот лидер за блокирање на европските перспективи на Северна Македонија и Албанија.
Филип Ламберт од Европските зелени потсети како сите се израдувале кога Макрон победил на изборите во Франција во 2017.
“Ако се сеќавате, го поздравивме Макрон како голем Европеец. А како проаѓа времето сфаќаме дека и не е толку голем и не е толку Европеец”, рече Ламберт.
Социјалдемократите во ЕП велат дека е неопходно да се задржат политиките на отворени врати на ЕУ кон Западен Балкан.
“Влезот на Западне Балкан не само што ќе придонесе за стабилноста во регионот, туку и стабилност за села ЕУ”, порача Иратксa Гарсија Перез.
Денеска во Стразбур се расправаше за исходот од Самитот во Брисел, а пред евро пратениците обраќање имаа и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск и претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер. И двајцата сметаат дека неуспехот за отворање на преговори со двете Балкански земји е голема грешка.
Арбен Зеќири