Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, „Монструм“, пренесе МИА.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат над 133.000 СМС-пораки и други транскрипти, предложени како дополнителни докази од Обвинителството.
Судскиот процес го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.