Над 500 американски војници, кои претходно се повлекоа во Ирак, се вратиле назад во нивната воена база во североисточиот дел на Сирија, пренесе Тасс, повикувајќи се на текст објавен во весникот „Aшарк Ал-Авсат“, пренесе МИА.
„Над 500 војници на армијата на САД, како и нивната воена техника, пристигнаа од Ирак во воената база, што се наоѓа во североисточна Сирија”, се наведува во написот што денеска е објавен во весникот. Претходно весник јави дека „американски конвој од 34 логистички воени камиони минал преку ирачко-сириската граница на граничниот премин Ал-Валид и влегол на територијата на сириската провинција Хасака“.
Силите на меѓународната коалиција, предводена од САД, на 16 октомври ја напуптија својата воена база, сместена во реонот на Кобани, на околу 150 километри од Алепо, во северниот дел на Сирија, и се повлекоа од градовите Рака и Табка, во североисточниот дел на земјата.
На 21 октомври беше јавено дека група американски војници ја минале сириската граница на пат кон ирачката провинција Дахук (дел од Ирачки Курдистан). Во Багдад подвлекоа дека станува збор за транзитно поминување. На 22 октомври американскиот министер за одбрана, Марк Еспер, соопшти дека нивните војници од Ирак ќе се вратат во САД.