Во селото Дурачка река во Крива Паланка викендов се одржа тридневен извиднички камп на кој учествуваа педесетина дечиња на возраст од десет до осумнаесет години од извидничките одреди од Крива Паланка, Скопје и Битола, јавува МИА.
-Кампот отпочна со заветување на дваесетмината новопримени извидници според традиционалните обичаи, согласно извидничките закони, а откако дадоа завет, на новите членови им беа доделени извиднички марами. За време на кампот извидниците изведоа бројни активности кои се состоеа од: натпревари, пешачење на стаза од 15 километри, ориентација во природа, посета на „Музејот на извидници” во Крива Паланка и останати игри. Сето тоа го проследи натпреварувачка комисија која на крајот од кампот додели дипломи на трите најзаслужни екипи. Кампот го посетија бројни граѓани, како и делегација на општина Крива Паланка предводена од градоначалникот, Борјанчо Мицевски,кој ги поздрави присутните, изјави Соња Ангеловска од Извиднички одред”Наум Наумовски-Борче”.
На кампот, кој траеше од 25 до 27 октомври присуствуваа извидници од Извиднички одред “Наум Наумовски-Борче”, Крива Паланка, ИО “Браќа Миладиновци”, Скопје и ИО “Молика” од Битола.
Овој камп е дел од активностите предвидени со проектот ,, Младите во светот на извидниците” финансиски поддржан од општина Крива Паланка во рамки на програмата за поддршка на здруженија на граѓани за 2019 година.