Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија смета дека во формулата за пресметување на процентот за усогласување на пензиите, покрај порастот на индексот на трошоците на животот, треба да се земе предвид и дел од растот на платите, заради одржување на реална вредност на пензиите, пренесе МИА.
– Ваквото системско решение ќе овозможи избалансираност на овие два параметри и на тој начин секогаш ќе има соодветно усогласување на пензиите. Доколку се зема само еден параметар и тоа само порастот на трошоците на животот, а платите растат повеќе, тогаш ќе бидат фаворизирани вработените, а пензиите ќе заостануваат. Со цел да не се случува тоа, се предлага комбиниран начин на усогласување на пензиите како системско решение со дел од порастот на платите и дел од трошоците на животот, изјави Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, во врска со усогласување на пензиите.
Таа посочи дека кон вондредното усогласување на пензиите би требало да се пристапи внимателно, со цел да не се нарушат соодносите на пензиските примања и додаде дека една од основните цели на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија е редовна исплата на пензиите и нивно тековно усогласување.